Се излеа Габровска река – Доброште куртули од поплава, во прекин патот Тетово-Јажинце

Патот Тетово – Јажинце, кај селото Доброште од синоќа е во прекин, поради излевање на Габровска река, како последица на поројните дождови. Екипи на Македонија пат и ЦУК, ќе работат до доцна вечерва на расчистување на големите наноси од кал, дрвја и камења.

Реката се излеала доцна синоќа, а поради опасност да се поплави цело Доброште, мештаните со помош на механизација морале да го срушат горниот мост во селото. Поплавени домови нема, оштетени се електрични столбови, две хидроцентрали, локални патишта.

Патниот правец Тетово-Јажинце, помеѓу селата Доброште и Одри најверојатно утре ќе биде пуштен во употреба. Сообраќајот засега се пренасочува преку споредните локални патишта.

Освен Габровска, од обилните врнежи излеана е и реката Бистрица, која предизвикала поплавување на неколку плевни и подруми во Теарце и Јегуновце. Таму засега состојбата е под контрола.

Милена Стојаноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста