Ребаланс и зелена такса на дневен ред- жешко собраниско лето

На еден месец до колективниот одмор пратениците влегуваат во жестока дебата за ребалансот на државната каса.  Опозицијата најавува бројни амандмани со кои велат дека ќе барат да запрат недомаќинските трошења кои власта ги планира со најновото прекројување на државната каса. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека 15-те дена како законска рамка во целост ќе бидат искористени за дебата и откривање на намерите на власта да биде потрошено многу повеќе од потребното во сите области.

А на власта и се брза до одмори со европско знаменце да го протне и законот за еколошка такса…Пратениците од опозицијата реагираат дека владејачкото мнозинство заобиколувајќи ја собраниската процедура сакаат да наметнат поскапување на горивата од 4,13 денари по литар.

– Според предложениот закон никаде не може да се најде дека истиот е усогласен со европските регулативи, за да имаат право да се повикуваат на европското знаме Овој кризен данок кој Заев сака да го прикаже како еколошка такса е најскап во Европа. Така македонските граѓани ќе плаќаат 5,7 евроценти за литар гориво поскапо, исто колку што плаќаат во Велика Британија. Каде е стандардот на македонските граѓани во споредба со тие во Британија и остатокот од Европа? – рече Љупчо Пренџов – пратеник.

Спикерот Џафери на брифинг со новинарите најави дека до 1-ви јули можно е пред пратениците на седница да се најде и една од интерпелациите кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за работењето на министрите Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски. Сепак не прецизира која, зависело од работната агенда на министрите. Во меѓувреме Џафери треба да ги распише и редовните локални избори кои треба да се одржат во втората половина на октомври.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста