Професорите велат дека нема логика учениците да се вратат во школските клупи на крајот на годината
Враќањето на учениците во училишните клупи наредниот месец, според професорската фела нема логика. Се чудат зошто би се отвориле училиштата само за неколку недели. Притоа посочуваат дека во една училница има повеќе од дваесет ученици, а просториите кои ги имаат средните училишта не можат да овозможат физичко дистанцирање според препораките на СЗО. Властите најавија дека по првомајските празници ќе се разговара за враќање на децата во градинките и училиштата.
Професорите велат дека се е многу неизвесно. Но, децидни се дека матура мора да се полага бидејќи има ученици кои планираат да аплицираат на факултет во странство, а речиси во сите земји матурата е задолжителна. Но посочуваат дека ако реално се гледаат работите учениците не можат да бидат доволно подготвени со онлајн настава како со редовната.
Што конкретно планираат властите за учениците, детали не откриваат. Се ќе зависи од пандемијата.
Инаку некои од соседните земји уште во март пресекоа дека учебната година е завршена. Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека ризикот за повторно отворање на училиштата е огромен и дека професорите и учениците не треба да бидат ни најмалку изложени, бидејќи некој ако се зарази и да го пренесе вирусот на своите блиски.
Другите земји од Регионот се соочуваат со слични проблеми како кај нас. И таму неизвесност за образовниот процес.
Дејан Трендов