Полицајците и цариниците со маски- вонредна слика на „Табановце“

Вонредна слика на граничниот премин Табановце. Граничната полиција и царинарниците носат заштитни ракавици и маски. Колку – толку ги прават и редовните рутински контроли барем, така велат луѓето со кои разговаравме. Патниците се прашуваат каде патувале и дали имаат некакви симптоми, а посебен акцент се става на оние патници кои што пристигнале од критичните региони.На преминот има и соба за изолација и дежурни епидемиолози, но досега немало ситуација патник да биде дополнително тестиран и изолиран.

„Табановце“ е најфреквентното место каде влегуваат лица кои патуваат од Северна Италија. Досега, од кога е пријавен првиот случај на коронавирус во земјава, од Северна Италија поминале околу 250 патници со автобус и околу 70 со сопствен превоз.

На граничниот премин Табановце, невообичаено мирно за овој период од годината. Надлежните велат, коронавирусот е причина за ваквата состојба.

Додека засилените мерки се во ек….Паниката од корона вирусот во Македонија полека стивнува.Нема нови пациенти кои јавиле симптоми на коронавирус и кои се тестираат. За веќе објавените резултати министерот за здравство Венко Филипче рече дека истите се потврдени и во лабораторија во Германија која е супервизија на нашата лабораторија.

“Набавката на дополнителна заштитна опрема е во тек. Во текот на вчерашниот ден го потпишавме договорот за дезинфекциските средства и тие веќе од утре ќе бидат дистрибуирани со помош на локалната самоуправа во основните училишта, каде за тоа има потреба “ – изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски апелира до граѓаните да се придржуваат до мерките. Изјави дека има и несовесни граѓани кои се враќаат од Северна Италија и се пријавуваат на работа. Во однос на зголемување на цените на заштитни маски и средства за дезинфекција, Спасовски најави дека владата најостро ќе реагира, затоа што во рамки на криза не може никој да профитира.  Во меѓувреме, корона „треската“ и тоа како владее во светот. Нивото на ризик од „умерено“ премина на „високо“.

Ања Василева

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста