По повеќегодишна запуштеност, се санира Могилата на непобедените во Прилеп
Исклучително важниот историски споменик од НОБ и препознатлив бренд на градот под Марковите Кули, но и на Македонија, Могилата на непобедените, по повеќегодишна запоставеност, конечно започна да се санира. По проект на НУ „Завод и музеј“, а изработен благодарение на упорното барање на ОО на Сојузот на борци, Министерството за култура, годинава конечно одвоило средства за овој споменичен Комплекс, а кој датира од 1961 година, да си го врати стариот сјај.
„Патеката и Алејата се обновени во целост. Сменети се плочите на бистите кои беа оштетени и искршени. Со техника на пескарење успеавме да го вратиме стариот лик на аулите, а во Криптата каде што се имињата на паднатите борци од Прилеп, сите скршени, оштетени, исчкратни плочи, се сменети. И Амфитеатарот е целосно реновиран за да може да послужи за сите активности во градов“, – кажа Горан Цветкоски, директор на НУ „Завод и Музеј“, Прилеп.
За наредната година пак, кога ќе се одбележуваат и 80 години од ослободувањето од фашистите, предвидено било Алејата на народните херои, покрај веќе постоечките 10, да биде надополнета со уште пет бисти на прилепски народни херои, кои ја преживеале војната, но по ослободувањето извршувале важни државни функции.
„Тоа се: Вера Ацева, Крсте Црвенковски, Борко Темелкоски – Лилјако, Ѓоре Дамески – Боксеро и Атанас Забазоски-Руски. Тие се петте народни херои кои извршувале значајни функции и во Федерацијата, и во Републиката“, – рече Рубин Белчески, историчар и претседател на ОО на СЈБ – Прилеп.
Инаку, споменичните обележја во Паркот на Револуцијата често се мета на вандализам. Во Прилеп и прилепско има над 160 важни државни спомен – обележја. Добар дел од нив, „плачат“ за поголема грижа од надлежните.
Каролина Дурло