По четири дена молк од Филипов, испрати демант: Изнесувате невистинити информации за да ни наштетите мене и на Филипче

По четири дена од емитувањето на првиот прилог и 6 дена од првиот обид да добиеме одговор од Горан Филипов, конечно се огласи сопственикот на „Синерџи“. Иако имаше шанса да одговори сите овие денови пред камерата на Алфа, одлучи само да демантира писмено, оти се надевал како што вели „ дека во меѓувреме ова изнесување на невистини, непотполна и непрофесионална интерпретација и извртување на фактите ќе престане“. Тој тврди дека објавените информации се невистинити тенденциозни и клеветнички настроени се со цел да се наруши честа и угледот на Министерот за здравство Филипче, но посредно нему и неговата компанија. Односно дека целта на Алфа била да се прикаже непостоечка поврзаност на министерот Филипче со градба на куќа во која тој инвестирал. Тој вели не градел на 1000м2 туку на 537, односно тоа била неговата градежна парцела. „Компанијата Синерџи Медикал постои од 2005 година, безмалку 15 години на македонскиот пазар, во континуитет учествува на огласите за јавни набавки, склучува договори со јавните здравствени установи и истите ги реализира. Прикажаните бројки за нејзиното работење каде тенденциозно се потенцира периодот на министерување на Филипче не се разликува воопшто од периодот пред него, не знам зошто новинарите од Вашата куќа не го прикажале и тој период, или во потрага по сензационалистички стории се пласираат невистинити констелации и поврзаности се со цел нарушување на интегритетот и угледот, мојот и на Министерот Филипче“, пишува Филипов во писмениот демант. И додава дека тендерот од 1,7 милиони евра не постои и е чиста измислица. За останатите тендери пак реагира дека сите пари не легнале на негова сметка односно дека тендерската постапка имала различни фази. Во која е секој од тендерите, има детално објаснето во демантот, што во целост може да го прочитате подолу во овој текст. Филипов меѓу другото бара Алфа да ги повлече сите прилози, заканувајќи се дека во спротивно ќе биле поднесени соодветни пријави. Останува логично прашањето зошто Филипов упатува вакви закани кога уште пред прилозите да се емитуваат а и деновите потоа, Алфа непрестајно се обидуваше да добие изјава од него, но тој молчеше.

ДО:
АЛФА ТЕЛЕВИЗИЈА Скопје

ОД:
Друштвото за производство, трговија и услуги СИНЕРЏИ МЕДИКАЛ ДОО експорт-импорт Скопје и Горан Филипов како нејзин сопственик

ПРЕДМЕТ: БАРАЊЕ ЗА ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ И ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ТЕКСТОВИ СО НАСЛОВИ “Си прават ли владините функционери „нати го, дај ми го„ со бизнисмените“, „Министерството демантира во име на Филипче, тештата и Филипов молчат за објектот во Нерези„ , „Трет ден без одговор: Алфа во нејзиниот дом ја побара тeштата на Филипче, вратата остана затворена„, Откако Филипче стана министер, Горан Филипов добил тендери вредни 7 милиони евра„

Почитувани,

Во врска со горенаведените прилози објавени во повеќе наврати во ударните информативни изданија на Вашата телевизија и Вашата интернет страна www.alfa.mk, и врз основа на член 16, став 4 и 5 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 13 и 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Друштвото за производство, трговија и услуги СИНЕРЏИ МЕДИКАЛ ДОО експорт-импорт Скопје го поднесува следново Барање за објавување на демант, извинување и јавно повлекување на споменатите прилози.
Во објавените текстови новинарот спротивно на востановените новинарски стандарди лиферува неточни информации и конструира привидна „вистина„ што директно и недвосмислено ја нарушува честа и угледот кои ги ужива реномираната и етаблирана компанија Друштвото за производство, трговија и услуги СИНЕРЏИ МЕДИКАЛ ДОО експорт-импорт Скопје и јас како нејзин сопственик.

Во врска со наведените скандалозни прилози објавени во последните четири дена, потенцирам дека истите се невистинити тенденциозни и клеветнички настроени се со цел да се наруши честа и угледот на Министерот за здравство Филипче, но посредно и на мене и мојата компанија. Истите немаат за цел да објават вистинити податоци, туку се е со цел да се прикаже непостоечка поврзаност на министерот Филипче со градба на куќа во која јас инвестирам, како и негова поврзаност со работата на мојата компанија.
Во врска со невистинитите и тенденциозни информации искажани во прилогот од 9.02.2020 можам да кажам дека куќата која се гради во Нерези е моја лична инвестиција, со сопствени средства, како физичко лице и нема никаква поврзаност со министерот Филипче или било кој друг. На мојата градежна парцела од 537 м2, не на површина од над 1.000 м2 како што е наведено во вашиот текст се гради само еден објект кој е далеку помал од наведените фамозни над 1.000 м2 во вашиот прилог од 10.02.2020.
Компанијата Синерџи Медикал постои од 2005 година, безмалку 15 години на македонскиот пазар, во континуитет учествува на огласите за јавни набавки, склучува договори со јавните здравствени установи и истите ги реализира. Прикажаните бројки за нејзиното работење каде тенденциозно се потенцира периодот на министерување на Филипче не се разликува воопшто од периодот пред него, не знам зошто новинарите од Вашата куќа не го прикажале и тој период, или во потрага по сензационалистички стории се пласираат невистинити констелации и поврзаности се со цел нарушување на интегритетот и угледот, мојот и на Министерот Филипче.
Тендерот од 1,7 милиони евра наведен во текстот од 11.02.2020 е непостоечки и е чиста измислица. Синерџи Медикал нема добиено тендер од Министерството за здравство во декември 2019, а секако не за споменатата сума, ова е тешка лага со која не штитите никаков јавен интерес туку конструирате сензационализам и нарушувате нечии чест и углед.
Во текстот од 12.02.2020 сте напишале “Според информациите од Бирото за јавни набавки, првиот тендер вреден 350.000 евра компанијата на Филипов, го договорила на 26.12.2017 година, само еден ден откако Собранието го изгласа изборот на Филипче.”
Тендерите во Министерството за Здравство и во Јавните здравствени установи претставуваат огласи за јавни набавки. Постапката за јавни набавки се одвива во повеќе чекори од објава, јавно отварање, евалуација, избор на најповолен понудувач до склучување на договор. Користењето на терминот договорила укажува на елементарно непознавање на процесот на тендерирање,со што вашата публика се доведува во заблуда,или можеби тоа е целта на вакви тенденциозни текстови. Понатаму наведувате дека договарањето, (тендерирањето) е завршено за само еден ден откако Филипче станал министер, што е бесмислица ако се земе во предвид како и колку време тече постапката за јавна набвака.
На сајтот на бирото за јавни набавки, чии податоци користите, се прикажани договорите кои се потпишани, но не и степенот на нивната реализација. Затоа бројките искажани во текстот од 12.02.2020 каде што стои „инкасирале“, „добиле„, „на нивна сметка легнале„ се невистини. Вистинито е дека се потпишале договори со тие или слични суми. За пример сте ја зеле 2019 година каде што велите дека компанијата “добила речиси 4,7 милиони евра”. Вистината е дека компанијата потпишала договори за споменатиот износ, при што скоро половина од тие потпишани тендерски износи во таа година се однесуваат на сукцесивна реализација за период од 2019-2020 година и заклучно со 2021 година, што е далеку од „инкасирање“ или средства кои „легнале на сметка“. Очигледно водени од желбата за сензационализам, не размислувајки за последиците, конструирате невистинити информации, без прецизно дефинирање на истите. Да појаснам дека сите овие информации што ги споменав се достапни и јавни преку сајтот на Бирото за Јавни набавки но потребно е нивно целосно, прецизно и професионално интерпретирање што во Вашите прилози е изоставено. Со демантот се јавувам после 4 дена затоа што се надевав дека во меѓувреме ова изнесување на невистини, непотполна и непрофесионална интерпретација и извртување на фактите ќе престане.
Со досега објавените статии со неточна содржина им наштетивте на угледот и честа на мојата компанија и мене лично, при што не штитевте јавен интерес, со што е сторена навреда и клевета согласно членовите 6 и 8 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, го поднесуваме ова барање за објавување на демант, извинување и јавно и целосно повлекување на статиите од вашиот медиум и бараме истото да го реализирате веднаш по неговиот прием.
Ви најавувам дека доколку не го објавите овој демант, ќе биде поведена судска постапка за нарушување на честа и угледот.

Скопје, 13.02.2020 година

Со почит,
за СИНЕРЏИ МЕДИКАЛ ДОО експорт-импорт Скопје

_________________________________

ГОРАН ФИЛИПОВ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста