По 18-ти пат, на 19 декември, градот под Марковите Кули, ќе ја чествува Градската слава „Св. Никола“

По 18-ти пат, на 19 декември, градот под Марковите Кули, ќе ја чествува Градската слава „Св. Никола“

       Градот под Марковите Кули, познат по својата доследност во почитувањето и негувањето на традиционалните православни вредности, ги привршува подготовките за годинашното чествувањето на Градската слава „Св. Никола“. По 18-ти пат, на денот на празникот, во центарот на Прилеп, на отворено ќе биде поставена посната светиниколска трпеза. Годинашните домаќини, Компанијата „Комфи Ангел“, покрај празничниот ручек, најавуваат и неколку новини.

  „Организирани сме со неколку „балони“ каде што ќе бидат поставени маси и столици за да може секој достоинствено да си седне и да може да проба од славската храна. Она што е ново, после Литрургијата утрото во црквата, ќе правиме и Литија, ќе настапува и хорот на нашата црква, а ќе имаме и естрадни ѕвезди“, – изјави Ирена Јакимоска, годинашен домаќин на Градската слава „Св. Никола“.

 „Ги поканувам сите наши сограѓани да излезат на денот на нашиот Патрон. Тоа го организраме пред Камената бина и ги поканувам и во име на нашата општина, и во име на домаќинот“, – кажа Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

   Во рамките на годинашното чествување на Патронот на градот, традиционално ќе се одржи и Турнирот во мал фудбал „Св.Никола 2023“ кој има хуманитарен карактер.

  „Оваа година е планирано Турнирот да трае од 8 до 24 декември. Форматот е истиот како лани – 32 екипи, со тоа што ако има повеќе екипи ќе ги вметнеме во секоја група по една екипа плус“, – посочи Александар Крстески, организатор на Турнирот во мал фудбал „Св. Никола 2023“.

   „Св.Никола“ стана патрон на Прилеп во 2005-та година со одлука на тогашната локална власт, бидејќи речиси половината од градот, овој светец го слави како куќна слава. Три години подоцна, подготовката на уникатните и единствени прилепски светниколски сармички, Прилеп, а со тоа и Македонија, за прв пат ги внесоа во Гинис со „џиновската“ порција од сармички која броеше 80.191 сармиче. Досега, кумови на овој настан биле многу познати бизнисмени, но и високи функционери, под покровителството на ЛС Прилеп.

   Инаку, денешната прес-конференција започна со изразување сочувство кон семејствата од свирепо убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

                                                                                               Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста