Одложен стартот на „Организаторите на 27 април“- одбраната вели обвинението е на стаклени нозе

Обвинението за организаторите на 27 април е на стаклени нозе, смета одбраната. Одложен стартот на судењето за организацијата на настаните во Собранието бидејќи обвинителството не ги доставило сите докази до обвинетите, што е законска обврска со цел подготвување на одбраната. Иако Вилма Рускоска негодуваше, Судечкиот совет на чело со судијата Илија Трајков прифати одложување и го задолжи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ги достави бараните докази.

Јордан Апостолски, адвокатот на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, смета дека нема апсолутно никакви докази за било каква вмешаност на неговиот клиент во делото за кое е обвинет

Сметаме дека обвинението е на стаклени нозе, дека нема никаква поткрепа, туку само сметаме дека на овој начин нашите клиенти се жртвени јагниња за да не се дознае која е навистина вистината во овој случај, изјави Апостолски.

Апостолски вели дека Обвинителството предложило 10-тина сведоци чиј интегритет, според неговите зборови, бил нула. Рускоска пак изјави дека подготвувајќи ја својата одбрана, сите обвинети предложиле стотици сведоци, што според неа претставува обид за одолговлекување на случајот.

-Имаат побарано околу 300 сведоци секој од нив, така да сметам дека судот апсолутно не треба да ги прифати тие сведоци, нормално без да се наруши правото на одбрана, изјави Рускоска.

Ваквото тврдење на Рускоска го демантираше Апостолски, тој вели дека неговиот клиент предложил одвај 10тина сведоци. Обвинети за организација на настаните од 27 април се поранешниот собраниски спикер Трајко Велјановски, поранешните министри за труд и социјала и образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Следното рочиште е закажано на 26 февруари.

Матеја Петровски