Приведени еко активисти оти со боја го фарбале Министерството за екологија

Сакаа да испратат порака до институциите, но завршија во станица – петмина активисти на иницијативата „Петоци за иднината“ добија прекршочна пријава оти фарбале со боја пред Министеството за екологија. Црвените дланки на прозорците на зградата требало да го активираат еко алармот за енормното аерозагадување. Наместо тоа, реагирало обеабедувањето.

„Стававме отпечатоци од нашите дланки со црвена боја на прозорците на зградата на Министерството за животна средина. Свесно избравме да бидат прозорците, бидејќи тоа е површина која што лесно може да се исчисти и избравме обична темперна боја“, вели активистката на „Петоци за иднината“, Елена Данова.

Револтирани се од односот на полицијата, за која велат со висок тон им вршела притисок да дадат изјава за стореното дело.

„Ние сме истрауматизирани од самиот пристап, бидејќи и покрај тоа што им објаснивме дека ова е само еден креативен перформанс дека сакаме да допреме до ушите на оние кои ги носат и спроведуваат одлуките, сепак безбедносните лица кои беа таму присутни, викаа и не притискаа да дадеме изјава, но ние не сакавме да дадеме изјава без присуство на правно лице“, додава таа.

За инцидентот реагираа и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Најавуваат претставка до Секторот за внатрешна контрола во МВР поради дрзок однос на полицијата кон активистите на „Петоци за иднината“.

„Меѓу учесниците во акцијата имаше и малолетно лице, кое беше држено во полициска станица повеќе од еден час, без присуство на адвокат и социјален работник, што е дополнително прекршување на процедурите“, велат од Хелсиншкиот комитет.

А пред само тро ипол години, лично лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев, како дел од т.н. Шарена револуција, зборуваше оти фарбањето на институциите било своевиден перформанс за искажување на незадоволство од работата на власта.

„Ова денеска како перформанс на сите нас хулиганите и хулиганките, составен дел на оваа Шарена револуција, беше чин на солидарност кон сите овие другари и другарки кои штом се под мечот на неправдата и репресијата од страна на оваа власт за да споделиме повеќе илјади граѓани вклучително и нас лидерите на политичките партии на понесувањето на одговорноста на фарбањето на институциите кои што се веќе делегитимирани“, рече тогаш Заев.

И дел од актуелните високи функционери на СДСМ, тогаш, бурно реагираа на приведувањето на активисти на Шарените.

„Итно ослободување на сите приведени и притворени протестанти и прекин на прогонот на сите кои што доаѓаат на протести“, рече Бојан Маричиќ, советник на Заев.

Иницијативата „Петоци за иднината“ повеќе од два месеци одржуваат мирни протести и герила акции низ главниот град со цел да ги мобилизираат институциите во решавање на горливиот проблем со аерозагадувањето. Нов масовен протест со гости од повеќе балкански земји, најавуваат за в петок.

Инаку, и оваа зима штетните ПМ10 честички во воздухот рушат рекорди, а здравствените власти и натаму алармираат дека годишно како последица од аерозагадувањето умираат над 3600 лица.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста