Од стопанските комори зависи решението за трговските марки, некои со ознака „македонско“ ќе исчезнат

Некои трговски марки кои содржат ознака „Македонски“, „македонско“ или „Македонија“ ќе исчезнат, некои ќе бидат задржани. Се ќе зависи од меѓусебниот договор меѓу Грција и Македонија – вели копретседавачот на меѓународната група експерти Ѓорги Филипов. Сепак, земјава била во подобра преговарачка позиција, односно имала предност бидејќи самото државно име го содржело називот Македонија. Тој вели дека стопанските комори од двете страни се уште не се сретнале за да ги разработат деталите. Ги повика тоа да го сторат во најбрз можен рок, затоа што се зависи од македонските и грчките бизнисмени.

Филипов вели дека грчкиот слоган „Macedonia the GReat“ кој неодамна беше промовиран од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и предизвика негативни реакции меѓу граѓаните во земјава, не се одразил лошо на бизнисот. Стопанствениците не реагирале бурно, за разлика од политичарите. Тврди дека новинарите сензационалистички известувале и покрај тоа што самиот тој рече дека не може да има брендирање без договор од двете страни, додека за премиерот Заев нема проблем сите да го користат името Македонија. Не очекува поголеми проблеми ниту поради грчкиот слоган, ниту пак, поради македонската кампања на Агенцијата за туризам „Destination Macedonia“

Македонската страна се уште крои стратегија како ќе настапи во преговорите, односно формира предлог како ќе преговара со Грците. Во земјава има околу 3.200 фирми кои имаат некаква форма на „Македонско“ во своите називи или имињата на производите, додека на грчка страна има 3.500 компании. Меѓународната група на експерти треба да има следен состанок до крајот на годината во Атина. Отворените прашања треба да се затворат до средината на 2022 година.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста