Светски ден за борба против корупција, Владата не извади бројки за корупцијата во институциите
Желбите едно, реалноста сосем друго. Корупцијата црна дамка врз амбициите на Македонија за брза евроинтеграција. И покрај променетото име, во октомври нашата држава не го доби посакуваниот датум за старт на преговори со Европската унија. Иако власта ветуваше дека договорот со Грција ќе значи датум, европските велесили порачаа дека треба да се работи на реформи во повеќе сегменти, меѓу кои и еден од најважните, корупцијата. Познавачите велат дека кај Владата постои барем декларативна волја за борба со корупцијата, но изостануваат резултатите.
-Сите сме сведоци дека на дневно ниво ни го нарушува и вкупниот наш дигнитет, и вкупната наша работа. И генерално конечно проблемите со меѓународните наши интеграции, приемот во Европската унија. Корупцијата во сите тие сегменти е и те како сериозна причина зошто ние не можеме да влеземе во современиот свет, вели Нелко Нелковски од здружението на граѓани „Театар Боеми“.
Дека корупцијата претставува сериозен проблем велат и од Хелсиншмиот комитет. Според нив борбата со овој проблем во Македонија не дава задоволителни резултати.
-И покрај зголемената проактивност на Антикорупциската комисија, вклучувајќи и кон функционери на високо ниво, корупцијата е распространета во многу области и останува еден од најсериозните проблеми во државата, порачуваат од Хелсиншки.
И покрај критиките, премиерот Заев вели кај нив постоела сериозна политичка волја за борба со корупцијата. Бројки за тоа колку сме корумпирани не објавуваат, но Заев во оваа прилика реши уште еднаш да го спомене ветингот во правосудството.
-Затоа е важно да започне постапката на проверка на имотот на судиите и обвинителите, колку може поскоро. Важно е да се утврдат конфликтите на интереси и во правосудството, напиша Заев на Фејсбук.
Според извештајот на Обединетите нации, речиси од 11 проценти од граѓаните на возраст од 18 до 64 години во Македонија имале искуство со поткуп на јавен службеник. Според бројките поткупот во форма на пари е речиси половина, односно 45 проценти од сите форми на мито.
Матеја Петровски