Очајно ниво на странски инвестиции

Лоша година за странските инвестиции. Само 131 милион евра влегле во земјава од јануари до септември годинава – објави Народната банка. Ако во последните три месеци до крајот на годинава се задржи истото темпо, ова ќе биде една од полошите години за влез на странски капитал. Лани бројката беше неколкукратно поголема, или 614 милиони евра.

Лошите резултати во голема мера се должат на големите повратни вложувања, односно враќање на парите од овдешните фабрики кон матичните компании во странство. За 9 месеци, по овој основ од земјава се излеале над 262 милиони евра. Директните вложувања во земјава се драстично пониски или 169 милиони евра.

Инаку Владата за годинава најави голем бум на странските инвестиции. Премиерот неколку пати уверуваше дека ланската сума ќе биде надмината главно поради очекувањата земјава да стане членка на НАТО и да добие датум за преговори со Европската Унија, потези кои требаше, според него, да ги привлечат инвеститорите да вложат во земјава. По слабите резултати во првите три месеци, Вицепремиерот Анѓушев се обиде да образложи дека бројките се пониски од лани бидејќи фабриките извезле стоки кои се уште не биле наплатени.

Домашните фирми мака мачат да соработуваат со странските. Досегашните резултати се под очекувањата. Ретко која компанија ги исполнува стандардите, и има голем капацитет за производство за да стане дел од синџирот на странските фабрики.

Народната Банка, пак, веќе проектираше дека догодина СДИ и извозот ќе имаат помал придонес кон економскиот раст на Македонија, главно поради послабата побарувачка од странство, особено од Германија, нашиот најголем трговски партнер, каде се очекува забавување на активностите.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста