Неодговорноста поопасна од вирусот!? – Гевгеличани на оро средe полициски час

Масовни собиранки, оро, гласна музика, за Гевгеличани изгледа не важи полицискиот час? На социјалните мрежи протекоа видеа и слики од празничната атмосфера во Гевгелија каде што дел од граѓаните се фатени рака за рака во весела атмосфера, во едно од маалата.

Од СВР Струмица под чија надлежност е Гевгелија за Алфа велат сите ќе си одговараат за стореното прекршување.

„Во координација со ЈО ќе бидат санкционирани сите кои ја прекршиле забраната за движење“велат од СВР Струмица.

За причината на непослушноста на граѓаните во деновите на изолација психологот Натка Пачоска за Алфа алармира – неопходно е луѓето да се подготват ментално, оваа состојба може да трае подолго и истата да се прифати како нов начин и пристап кон животот.

“Кога потребата за заедништво е премногу заситена тогаш ние сите сакаме да се оддалечиме од луѓето околу нас и од социјалните дружби и ќе си останеме сами – за да си дадеме одговори сами себе. Но во обратна страна, кога потребата од индивидуалност е презаситена тогаш потребата за заедиштво бара што повеќе контакти разговори и можности.Токму заради ова- сметам дека луѓето не можат да издржат во овој момент во изолација.“ вели за Алфа, Натка Пачоска – специјалист по медицинска психологија.

За големата неодговорност на граѓаните покажуваат бројките на приведени лица. На ниво на цела држава во изминатото деноноќие приведени се 92 лица а повеќе од 120 не ја почитувале забраната за движење.

Инаку, казните за непочитување на полициски час се движат од 2.000 до 2.500 евра и казна затвор од една година.

 

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста