Наместо датум, парична награда – Вархеји побарал 50 милиони евра од ЕУ за Македонија

Пофалби и надежи, но и парична награда за сработеното во изминатите две години – новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеи од Скопје не зборуваше за конкретен датум за почеток на преговорите со Европската Унија, туку најави оти ќе не наградел за постигнатите резултати. Ги пофали постигнатите договори со Грција и Бугарија, а потенцираше и оти на патот кон Унијата приоритет ќе било донесувањето на Законот за јавно обвинителство.

„Побарав од Европскиот парламент да објави награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјата во искористувањето на европските фондови. Се надевам дека ќе добијам зелено светло и ќе се одобри исплатата, па ќе можете да ги искористите парите и да ги инвестирате во државата“, вели Комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ.

Техничкиот премиер Спасовски пак со оптимистички прогнози, вели земјава во следните месеци може да се надева на датум за старт на преговорите како што тоа ни било ветено на Самитот во октомври. Подговтени сме вели за новата методологија која Унијата ја подготвува по барање на Франција.

„Северна Македонија е заинтересирана што побргу да се објави методологијата и се надева дека предлогот ќе ги задоволи очекувањата и барањата на Франција, но и ставовите на земјите-членки кои беа и останаа пријателски настроени кон проширувањето и немаа ништо против тоа да почне и во октомври минатата година. Наш интерес е да се избегнат нови несогласувања и да се постигне консензус час поскоро“, рече тој.

Еврокомесарот Вархеји претходно се сретна и со претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно. Разговарале за актуелните случувања во земјата, за европската перспектива на Македонија и за финзлизирањето на членството во НАТО.

Ова е прва официјална посета на земјава откако Вархеји беше именуван за Комесар за проширување и соседска политика на стартот од декември.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста