Најавеното зголемување на цените на нафтените деривати ќе биде погубно за македонските земјоделци

Уште еден, нов  шок за македонските земјоделци. Во најголемиот ек на земјоделските работи и додека се уште ја чекаат ветената помош од Петтиот Ковид-пакет, најавата за поскапувањето на нафтените деривати им ја уништува и последната надеж дека ќе има спас од безизлезот во кој се втурнати. Социјалните мрежи вријат. Во маката, тие дури и се шегуваат на своја сметка.

  „Тутунот го зедоа без пари. За таа пуста помош од Петтиот пакет, мумии носеа во Собрание да го изгласаат и не видовме ништо од тоа. И сега, како награда, експресно 3,5 денари од литар нафта“.

   „Граѓаните требало да користат велосипед…Ок…Утре, кога ќе треба моторчето за наводнување да го наполнам со бензин, што треба да направам ?! Педали да му ставам?!“

  „Продавам точак сосе двобразден плуг и дрљачи…“

            „Со волови и со коњи ќе ораат земјоделциве, во 15-ти век ќе се вратат“ , се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

           Директните земјоделски производители тврдат дека со вака скапа нафта, никој од нив не ќе може да си дозволи да се занимава со земјоделство.

         „Современата технологија, современата машина бара гориво. Со скапо гориво, никој не може да си дозволи да си игра со судбината на своите деца, па да вложува многу, а неизвесно е дали воопшто ќе земе нешто. Така што, оние кои што се шегуваат дека можеби ќе се ора со рала, најверојатно можно е да се случи и тоа доколку вака се продолжи…Јас колку што знам, досега не сум видел трактор на педали…доколку премиерот смисли такво нешто, ние ќе му бидеме преблагодарни..“ – ни изјави за Алфа, земјоделецот Васко Јосифовски.

        После овие најави за новите поскапувања, македонските земјоделци препознаваат манипулација и во таканаречената „зелена нафта“. Сметаат дека она што државата еднаш им го дала како помош, сега бара начин тројно да им го наплати.

„Еднократно давање на било што и да е, а повеќекратно земање од другата страна, не е помош, туку е чист грабеж“, – вели Јосифовски.

       Од друга страна, она што дополнително и во континуитет многу ги вознемирува македонските земјоделци е и отсуството на сериозна национална аграрна стратегија, заради што, како што велат самите, имаат впечаток дека земјоделието во Македонија е препуштено само на себе.

Каролина Дурло