Милионски глоби ако „Еуромакс рисорсис“ тужи, Владата смета дека е во право што и го раскинала договорот

Владата ќе плаќа милионски глоби ако „Еуромакс рисорсис“, несудениот инвеститор на рудник во Иловица одлучи да тужи. Тие не ја исклучуваат оваа можност. Откако Владата еднострано го раскина договорот пред неколку дена, компанијата рече дека ова е политичка одлука пред избори. Изненадени се бидејќи и покрај најавите дека ќе се чека на одлуката на Управниот суд, Владата донела вакво решение. Најавуваат дека ќе ги искористат сите правни механизми дома и во странство, но не исклучуваат ниту спогодба со Владата.

Од Владата не се плашат од тужби и глоби. Велат штом одлучиле еднострано да го раскинат договорот, сметале дека се целосно во право.

За адвокатската куќа на Еуромакс вината е во администрацијата. Не било точно дека фирмата не поднела комплетна документација. Тврдат дека државните институции навреме не си ги завршиле обврските, па роковите биле пробиени. Уверени се дека имаат силни аргументи за да го добијат случајот.

Компанијата обвинува дека оваа одлука на Владата е лош сигнал за постоечките и потенцијалните странски инвеститори.

Активистите од југоистокот со години се бореа да ја спречат изградбата на рудникот во Иловица. Инвеститорот, пак, уверуваше дека нема да се загадува воздухот и почвата. „Еуромакс Рисорсис“ досега вложи 50 милиони, а само за изградба на рудникот ќе инвестираше 350 милиони евра. Планирани беа 1.500 директни и 2.700 индиректни вработувања.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста