Мицкоски лобира кај Орбан Македонија да добие датум за преговори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од унгарскиот премиер Виктор Орбан Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. На средбата во Будимпешта, на која присуствувал и потпретседателот на партијата Александар Николовски, на Орбан му било пренесено дека Граѓаните и државата не смеат да бидат заложници на погрешните и погубни политики на Зоран Заев и дека е потребно да се даде датум за преговори, при што ВМРО-ДПМНЕ по изборите гарантира сериозен план за имплементација на мерки и реформи кои државата ќе ја стават на брза трака на патот кон ЕУ. Ова е особено важно бидејќи актуелниот европски комесар за проширување Оливер Вархелиј доаѓа токму од партијата на Орбан, ФИДЕШ, а Мицкоски побара од Орбан како член на Европскиот Совет и лично да се заложи во убедувањето на другите шефови на влади на земјите членки на Унијата да и овозможат на Македонија датум за отпочнување на преговори.

Како што велат од партијата, претседателот на ВМРО го информирал Унгарскиот премиер за загрижувачката економска и политичка состојба, како и за високиот степен на криминализираност на општеството што поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската Влада да влезе во отворена битка против корупцијата. Воедно, Мицкоски посочил дека нема друг таков пример каков што е случајот со Заев каде премиерот се фали со остварено влијание и диктирањето на одлуки на Врховниот суд и обвинителството и без притоа да има било каков правен епилог, ниту разрешница за ваквиот скандал.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста