Меџити демантира дека му поставил ултиматум на Ахмети

Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити остро ги отфрли тврдењата на медиумот „Алмакос“ кои брзо проструија во јавноста дека му дал ултиматум на лидерот на партијата, до 15 јуни да ги тргне шефот на дипломатијата Османи и вицепремиерот Груби од партиските и владините функции.

Не сум му дал ултиматум на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту учествувам во заговор за независни кандидатури за градоначалници во општините Тетово, Сарај и за Чаир, ако претседателот не ги отстрани од Влада и од партијата Бујар Османи и Артан Груби, изјави за Плусинфо потпретседателот на ДУИ Изет Меџити.

Медиумот на албански јазик „Алмакос“ објави дека наводно Меџити, кој е моќен сопартиец на Али Ахмети му се заканил дека ако не го испорача тоа што го бара,  ДУИ ќе ги изгуби локалните избори во Сарај, Чаир, Кичево и Тетово – оти градоначалниците ќе настапеле како независни кандидати.

„Токму како што вашиот внук Фатмир Лимани ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Кичево, така и Висар Ганиу ќе биде независен кандидат за градоначалник на Чаир, но и во општина Сарај, Блерим Беџети ќе настапи како независен кандидат – објави „Алмакос“.

„Алмакос„ се повикува на внатрепартиски извори, а објави и дека немало официјална потврда од ниту една од засегнатите страни.

Алфа се обрати и до првиот вицепремиер, дали информациите се вистинити и кој е неговиот коментар – но од Груби не добивме одговор.

Судирот меѓу Груби и Османи од една страна и Меџити од друга тлее веќе подолго време. Како што е познато, дури и дел од блокадите на Собранието во изминатите месеци беа резултат на оваа кавга, затоа што Меџити и уште најмалку еден пратеник не доаѓаа да обезбедат кворум на владеачкото мнозинство. Уште тогаш Меџити јавно се конфронтираше со раководтсвото на партијата, а како причина ги наведуваше изборот на Груби и Османи во владата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста