Објавен првиот „зелен“ спот: ДУИ ќе урива оџаци и фабрики и ќе става соларни панели и ќе сади дрва

Ден откако станаа зелена и еколошка партија, ДУИ го промовираа и својот прв спот, насловен прв проект од зелената агенда на партијата. Во кратко видео од 20 секунди може да се види како паѓаат фабрики, а се појавуваат сончеви колектори, сончоглед и зеленило, без да се објасни како овие проекти би се оствариле.

Во соопштението испратено до медиумите се дообјаснува дека станува збор за проект кој веќе е во фаза на реализација.

-Краткиот графички спот се однесува на обновливата енергија и искористувањето на  сончевата енергија, проект кој што веќе е во имплементација во ТЕЦ Осломеј а и РЕК Битола е во процес на трансформација и дел од зелената агенда, но и други локации во нашата држава, соопштуваат од ДУИ.

Големото изненадување, односно ребрендирањето на ДУИ, предизвика бура реакции во јавноста. Запрашан дали верува дека намерите на Ахмети се искрени, премиерот Заев порача дека е среќен што интегративците ја ставиле на страна етничката агенда и станувале зелена партија.

-Мене ми драго што можам еве денеска да искоментирам дека најголемата албанска политичка партија заокружува етничка агенда и дека денеска веќе зборуваме за граѓаните. Доста беше Албанци, Македонци, Турци, Роми, Власи, граѓани имаме во државата. И сакам да го поздравам тоа, затоа што навистина е исчекор кога доаѓа од владејачката партија од албанскиот политички блок, вели Заев.

Зеленилото на ДУИ беше една од главните теми и на социјалните мрежи, дел од коментарите се дека промовирањето на интегративците во зелена партија, е како да ставиш педофил за директор на градинка.

-Замисли цел живот протестираш гушкаш дрва лежиш пред багери и ти иде Али Ахмети те брка на клоци и вика ова е сеа моја работа, се вели во еден твит.

-Реално ДУИ се зимзелена власт откога постојат. Сега само бојата ја ускладија, се вели во еден твит.

Инаку, одлуката за ребрендирање на партијата, Ахмети ја донесе откако ДУИ последниве години доби се што им беше дел од етничката агенда, односно беше изгласана двојазичноста, со Собранието раководи нивни кадар, а во последните 100 дена од овој владин состав и премиер ќе биде Албанец.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста