Македонец заглавен во Узбекистан оставен сам да се снаоѓа

Снајди се сам и дојди до Москва – ваков одговор од надлежните добил македонецот Дејан Антонијевиќ кој поради работни обврски останал заглавен во Ташкент, главниот град на Узбекистан. Повеќе од четири недели моли за помош да се врати дома. Вели аеродромите се затворени, а за да се излезе на улица потребна е дозвола за движење. Од амбасадорката во Москва добил само празни ветувања.

„Ми рекоа снајди се дојди до Москва или до Виена. Јас ако стигнам до Виена не ми треба помош да се вратам дома. Аеродромот во Ташкент е затврен, нема како да се патува, ниту до Виена ниту до Истанбул“, вели Антонијевиќ.

Подготвен е вели сам да си ја купи авионската карта, но и да седи во државен карантин. Гневен на властите кои дури два пати вратија македонски граѓани од јужно американските држави кои вели се двојно подалеку од неговата дестинација. Интерес да го извлечат нема, оти бил единствен македонец во оваа поранешна советска република.

„Дури два лета имаше организирани од Перу, што е двојно подалеку од тука, а ниту еден од Ташкент. И тоа им го пишав во меилот, но нема никаков одговор. Сигурно се работи за некои важни луѓе, а не за обични граѓани на Македонија“, додава тој.

Неофицијално, дваесетина македонски државјани во Русија чекаат да бидат вратени дома со т.н. хуманитарни летови на Владата, а нивното враќање се планира за почетокот на следниот месец.

Биљана Божиновска

Поврзани вести