Спасовски, Филипче и Османи заминуваат во карантин, Владата ќе заседава преку интернет

Дел од Владата во карантин. По информацијата дека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е позитивен на Ковид 19, техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми, остануваат во домашна изолација. Премиерот Спасовски вели – функцијата ќе ја извршувал од дома.

„Со оглед на фактот дека вчера имавме средба на заедничкиот состанок на општинскиот кризен штаб, во насока на почитување на препораките на епидемиолозите – јас одам во домашна изолација. На градоначалникот Димитриевски му посакувам успешно закрепнување и добро здравје. Од мојот дом непречено ќе ги извршувам сите мои работни обврски како премиер“, вели премиерот Спасовски.

Владата ќе функционира непречено, преку интернет конференциската врска и ќе ги извршуваме секојдневно обврските и приоритетите во овие вонредни услови. Кризниот штаб и Владата, како и во изминатите денови ќе се состануваат секој ден, преку видео врска.

Со секојдневните активности продолжува и првиот човек во здравството, Филипче. Тој од денеска редовните прес конференции ќе ги држи он лајн.

„И од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. Прес-конференциите ќе ги правиме преку достапните онлајн платформи“, вели министерот Филипче.

И вицепремиерот Бујар Османи, преку Фејсбук, информираше оти во карантин ќе биде до вторник, кога според него ќе му бил направен тест за корона.

Корона пандемијата не ги поштеди ниту светските функционери. Така, британскиот премиер Борис Џонсон, беше хоспитализиран поради компликации од корона вирусот. И во Србија, шест функционери во Владата се позитивни на ковид 19.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста