Ќе се преговара за Гоце Делчев- Заев контра собраниска декларација за бугарскиот меморандум

Премиерот Заев против предлогот сите политички субјекти во Собранието да застанат во одбрана на македонскиот јазик и идентитет. Ваквото барање го достави опозицијата, а премиерот смета дека евентуални декларации како контра тежиште на бугарскиот меморандум, би биле штетни за преговорите меѓу Македонија и Бугарија.

-Јас лично мислам дека Парламентот не треба да носи резолуции, одлуки или декларации, заради тоа што веројатно следно е нова од бугарскиот Парламент, па следно од македонскиот Парламент. Ова не води кон решение. Бугарскиот парламент е секако демократска институција во пријателска Бугарија и носат одлуки, во ред е и веројатно се чувствува и во Бугарија, за ова прашање, изјави Заев.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на социјалните мрежи објави дека веќе е доставено барањето до МНР- во собраниската комисија за надворешни работи да биде испратен бугарскиот меморандум. Милошоски претходно повика Собранието да расправа и донесе декларација контра меморандумот на Бугарија. Сепак, според Заев тоа не би била добра одлука. Премиерот потенцира дека продолжуваат преговорите, а дел од нив ќе биде Гоце Делчев, за кого бугарската страна од македонската бара да го признае како Бугарин.

-Јас сум убеден дека на ова поглавје кое што е пред нас, буквално Гоце Делчев како историска личност, но и како историски период, ќе изнајдеме решение во кое што и македонската и бугарската страна ќе излезат како победници, изјави Заев.

За бугарскиот меморандум реагираше и амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн. Вели билатералните проблеми меѓу двете земји не треба да бидат дел од преговорите за членство во ЕУ.

-Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион, вели Холштајн.

Во меморандумот бугарската страна тврди дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година, но и дека 80 години се молчело за масакрот врз десетици илјади Бугари за време на како што го пишува во меморандумот диктаторот Јосип Броз.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста