Каква држава – таква дипломатија – Празни амбасади, сомнителни предлози

Каква држава – таква дипломатија. Назначувања, разрешувања – што и како работи македонското МНР? Иако работата на дипломатијата е воспоставувањето и одржување на добри билатерални односи на сите полиња, Македонија со години немаме амбасадори во клучните центри на моќ….Празни се амбасадорските места во Вашингтон, празно е и во Москва, но и во Софија. Но и во редица други метрополи. Ваквата слика според упатените, посебно во актуелните меѓународни услови ја претставува државата во лошо светло.

  • Неименувањето на амбасадори во клучните глобални центри како и во пријателски држави, дава една несериозна слика за македонската дипломатија и со тоа се испраќа една лоша слика кон државата домаќин, меѓутоа се испраќа порака и во меѓународните организации, и се вкупно во меѓународниот углед на државата. Доколку до пред неколку години можеше да се најде алиби во т.н. кохабитација, во изминативе две-три години ние имаме ситуација кога претседателот и владата се предводени од иста политичка партија,односно нема оправдување зошто не се испраќаат амбасадори во клучните места…  Тоа е една некоординираност помеѓу институциите и за едно мешање на партиските интереси во остварување на надворешно-политички цели- вели Наумовски.

Дел од аналитичарите сметаат дека коренот на проблемот е длабоко всаден во македонското општество. Не се оптимисти дека се можни промени, посебно ако продолжи актуелното практицирање на политиката:

  • Можеби ќе звучи несериозно ова што ќе го кажам а каму ли да праќаме надвор. А што да претставува? Кој трул систем, која трула дипломатија? Одамна во Македонија има апсолутна диселекција кој со што треба да се занимава. Ние сме несериозна држава. Во несериозна држава, прво внатрешниот систем трпи, а кога внатрешниот систем трпи, огледалото на државата се токму тие надворешни релации во коишто ние треба да се претставиме салам држава која „бај д веј“ се колне во евроатлански интеграции, и која што тврди дека спремна да биде европска земја. Ние од европа ниту „е“ немаме…-вели Агим Јонуз.

На какво дереџе е падната дипломатијата зборува и последниот случај со 28 годишната тв презентерка за која се шпекулираше дека паднала одлука да замине на функцијата Конзул во Њујорк. Реакциите беа огромни, а владата реагираше дека станува збор за нецелосни информации, но конкретно не демантираше дека имало предлог. Дека дипломатијата е разнишата покажуваат и искуствата од претходно со неуспехот на екс министерот Фрчковски да се вдоми во Вашингтон или Обединетите нации, и разрешувањето на Бучковски од позицијата посебен претставник во Бугарија.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста