И угостителите од понеделник излегуваат на протести
И на угостителите им дојде преку глава. Од вторник 20-ти април излегуваат на масовни протести се до исполнување на нивните барања. Незадоволни од слабата државна помош, велат се поблизу е колапсот на угостителскиот сектор. Затворени се, испуштиле дел од вработените, ги чекаат парите од 5-тиот сет мерки за исплата на февруарска и мартовска плата, помош нема да има ниту за април, а нема ниту протоколи за работа. Велат веќе сите граници се поминати, егзистенција немаат, па затоа најавуваат радикализирање на протестите.
Угостителите бараат еднократна финансиска помош за сите објекти кои се затворени повеќе од една година, грантови за сите регистрирани објекти зависно од бројот на вработени и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки, се додека Владата не им дозволи да работат без рестрикции. Притоа потенцираат дека за нив не е помош можноста за земање нови кредити, бидејќи на тој начин уште повеќе им се загрозува финансиската состојба.
Угостителите се само дел од илјадниците незадоволни луѓе во земјава кои останаа без основна егзистенција. Во моментов над 6 илјади текстилни работници се на принуден одмор, на масовни протести досега излегоа синдикатите, организаторите на настани, музичарите, сметководителите. Поради доцнењето на 5-тиот пакет економски мерки, над 10% од фирмите не поделија плата во февруари, денеска истекува крајниот рок за исплата на плата за март, а илјадници фирми не ни знаат како ќе ги подмират обврските кон работниците во април, бидејќи од овој месец па натаму не е предвидена државна помош. За една година 55 илјади луѓе останаа без работа. Владата упорно тврди дека од нив само 18 илјади останале дома како резултат на корона кризата.
Тања Попова