И покрај тоа што сме рекордери по број на починати на милион жители, владата ги отвори границите

Македонија и натаму на врвот во Европа според бројот на жртви од Ковид19. Земјава има најмногу починати на еден милион жители во споредба со сите земји на стариот континент. Анализата за причините за високата смртност многупати ветена од страна на здравствените власти јавноста уште ја чека. Од министерството за здравство повторно без прецизен одговор, иако досега требаше да биде објавена.

Голем дел од пациентите кои егзитирале, покрај присутноста на вирусот на Ковид имале и други коморбидитети.Во најголем број коморбидитетите се кардиоваскуларни болести, хронична бубрежна инсуфициенција, потоа следуваат пациенти со дијабет, пациенти со невролошка болест, карцимоми, хронична опструктивна белодробна болест, пациенти примени за хируршки интервенции и пациенти во терминална фаза на друга болест. – велат од МЗ за Алфа.

Се поставува прашањето каде потфрли здравствениот систем? Ненавремените реакции на здравствените власти и неснаоѓањето во компликуваната ситуација секако се причини од кои не може да се бега.

Во меѓувреме, препораката на комисијата за заразни болести за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР тестови го помина владиниот филтер. Од 12-ти Октомври оваа одлука стапува на сила. Образложението на епидемиолозите е дека нема висок број на увезени случаи со Ковид-19 од овие земји. Од друга страна, се уште нема одговор дали Србија и Бугарија ќе дозволат Македонците без услови да влезат на нивна територија. Косово најави дека доколку земјава го повлече тестирањето истото ќе го направат и тие.

Инаку, македонските државјани имаат забрана за влез во цела ЕУ, а без ПСР тест отворени се границите само на Косово, Албанија и Турција. Додека македонците со негативен ПСР тест може да патуваат во Словенија, Бугарија, Србија и Хрватска. Забраната за патување во Грција е продолжена до 12 октомври.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста