Историчарката Котлар Трајкова за Алфа: Може да се пазариме за компири и боранија, за историјата апсолутно не

Можеме да се пазариме за компири и за боранија, ама за историски ликови, за историска наука, за историски дејности, апсолутно не, вели во интервју за Алфа телевизија историчарката Наташа Котлар Трајкова.

Македонската власт во текот на минатата година направи голем број историски отстапки кон Бугарија. Токму на оваа тема Алфа телевизија побара став од универзитетската професорка по историја Наташа Котлар Трајкова.

-Историја создава народ, оттука тие отстапки ги гледам или како намерно или ненамерно, но во секој случај, во позадината стои едно големо непознавање. Ако ја познаваме историјата на македонскиот народ, би требало да бидеме многу внимателни, од аспект на тоа што тоа засега во надворешната политика, но и во внатрешната политика, изјави Котлар Трајкова.

Професорката го споменува и членот осум од договорот за добрососедство, вели дека претставувал голема замка за македонските национални интереси. Таа смета дека тоа требало некој да го знае или умее.

-Не можете да внесете во текст заедничка историја, а притоа да не го објасните што треба сето тоа да содржи, или што тоа треба да значи. Или пак еве поедноставно ако треба да кажам, ние целиме кон ЕУ, зошто пред тоа не беа постигнати такви договори во ЕУ. На пример бугарско грчки договор, или бугарско романски договор, или бугарско- унгарско договор, за да ги знаеме ние примерите на што се однесува заедничката историја, бидејќи историја е една, единствена, создадена од еден народ, изјави Котлар Трајкова.

Околу изјавите кои беа дадени од страна на политичарите, кои немаат никаква врска со историјата како наука, Котлар Трајкова вели такво нешто е недозволиво.

-Политичарите и политичката номенклатура може само да црпи информации од сферата на науката. Затоа што ако си го дозволиме обратниот начин, политиката да соопштува на науката, ние веќе не сме држава, ние немаме веќе државни институции, тие државни институции треба да го покажат патот кон каде треба да се движиме, изјави Котлар Трајкова.

Професорката Котлар Трајкова важи за една од најценетите историчари во Македонија, но никој од власта се уште не побарал совет од нејзе, ниту од Институтот за историја, околу позициите на Македонија во однос на историските спорови со соседите.

-Затоа споменувам луѓе кои што се блиски со своите определби до одредена власт, тие се можеби ангажирани консултирани, претпоставувам. Меѓутоа тие не ја претставуваат науката

Котлар Трајкова вели можеме да се пазариме за компири и за боранија, ама за историски ликови, за историска наука, за историски дејности, апсолутно не.

Со Наташа Котлар Трајкова разговараше Матеја Петровски

Целиот разговор може да го погледнете во видеото:

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста