Хаос во образованието – МОН со апели, но без конкретен план како ќе се учи

Наместо точни и временски термини, како и на кој начин ќе продолжи наставата за учениците од дома, министерството за образование се уште бара алтернативни начини за едукација. До тогаш како што рече министерот Адеми дел од наставата ќе се следи преку едукативната програма на МТВ (наречена ТВ училница).

Некои средни училишта и универзитети веќе почнале со е-настава. Тој рече дека во вакви услови не можат да кажат до кога ќе трае прекинот, дали само 14, дали 20 или повеќе денови, но ги охрабри сите да наоѓаат алтернативни начини.

– Образовните установи да изнајдат начини со кои ќе ја продолжат неформалната едукација на учениците и студентите додека трае кризната состојба предизвикана од ширењето на корона вирусот, а особено да се фокусираат на можноста за воведување на онлајн настава, апелираше министерот Адеми за искористување на можностите за неформална едукација.

Министерот вели дека дел од наставниците не можеле да се прилагодат на дигиталното учење, но и дел од децата немале компјутери дома за тоа да го следат во живо. Како алтернативни начини на учење ги посочи бесплатните апликации.

– Едукативната ТВ програма во меѓувреме ќе се интензивира од аспект на застапеност во медиумскиот простор и ќе трае сé до стабилизирање на ситуацијата и повторно враќање на децата во училиштата и градинките, рече Адеми.

Адеми апелираше до универзитетите и јавните научни институции и средните училишта да применуваат онлајн-настава. До сега само Општина Карпош, направила дигитална платформа за изучување на наставата, но само за учениците од 9 одделение.

Градоначалникот Стефан Богоев рече дека училишта на територијата на Карпош почнале да ја применуваат платформата од вчера, за што е одржана обука на наставниците, а воедно изрази задоволство од нивниот интерес да се вклучат во оваа иницијатива и да продолжат да ги едуцираат своите ученици на еден поинаков начин кој го наложува актуелната ситуација.

И Адеми и Богоев признаваат дека овој начин не го заменува формалното образование и дека се соочуваат со слаб интернет во некои места, деца што немаат компјутери, некои не можат да следат ваква настава.

Инаку, во Законот за основно образование има прецизирано што се предвидува во случај на епидемија и една од опциите е да се направат скратени наставни програми, но тоа, според Адеми, сега не е опција бидејќи не се знае колку ќе трае прекинот на наставата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста