Големи митинзи ќе нема, предизборие поразлично од сите претходни- каква кампања ќе водат партиите?

Изборите во ек на пандемија, ќе ни донесат кампања многу поразлична од сите претходни. Партиите ќе мора да заборават на големите митинзи, а за да стигнат до гласачите, ќе треба да искористат други канали на комуникација. Според специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, големите собири ниту претходно не им помагале на партиите за да стигнат до неопределените, туку биле само еден начин на покажување моќ. Тој за Алфа вели дека политичките субјекти сега ќе мора да сфатат дека медиумите им се партнер и секако да ја подобрат комуникацијата со новинарите.

-Се надевам дека партиите, не само во власт туку и генерално што претендираат да ја освојат власта ќе разберат ќе разберат дека медиумите се партнер, токму затоа треба да бидат постојано отворени кон медиумите, новинарите, медиумските работници, треба постојано да имаат двонасочна комуникација и на тој начин всушност допираат и до граѓаните, допираат и до сите возрасни групи. Големите собири и да ги има и да ги нема се повеќе визуелен ефект, визуелна слика од партијата да покаже дека ја има поддршката, меѓутоа ги таргетира своите членови, вели Кордалов.

Кордалов вели дека и голем број на граѓани од сите генерации се активни на социјалните мрежи, па и тие овој пат ќе бидат користени многу повеќе отколку во минатото.

Просторот пред Владата на Македонија, кој политичките субјекти го користеа за своите големи партиски митинзи во текот на оваа кампања ќе остане празен. Одлуката да се распишат избори во ек на пандемија значи и забрана за големите партиски митинзи. Едно е сигурно во текот на оваа кампања партиите нема да може да се натпреваруваат која собрала повеќе луѓе на митинзите.

Иако сме во време на пандемија од Ковид 19, кога се бара на минимум да се сведат блиските физички контакти меѓу луѓето, Владата склопи протокол како партиите би терале кампања од врата на врата. Според Кордалов такво нешто е непотребно и може да доведе до загрозување на здравјето на луѓето, им порачува на политичките субјекти да ги искористат можностите кои ги дава интернетот.

-Ако некој ви каже дека сака да му дојдете на врата, дојдете му на врата, ако некој ви каже дека сака да се претплати преку мејл, направете го тоа преку мејл, ако некој ви каже дека социјалните медиуми ги користи, ќе ја лајкне вашата страна, ќе ве заследи. Сите политички партии да не се оптоваруваат со кампањата од врата до врата, бидејќи здравјето на граѓаните е најважно, вели Кордалов.  

Како и секогаш во минатото и пред овие избори партиите излегуваат со слогани како би привлекле поголем број од неопределените гласачи, според Кордалов од сите слогани најголем интерес во јавноста предизвикал оној на ДУИ, дека е дојдено времето за прв Албанец премиер.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста