Ѓурчески: Кичеец секогаш се вртел во криминалните структури

Торба Луј Витон тешка 1,5 милион евра, Зоран Милески Кичеец изнесе од домот на Орце Камчев, но обвинителството и по 1 години откако е пријавен Рекетот не утврди каде завршиле парите и кој колку се офајдил од милионот. Сепак, иако на незавршена истрагата за Кичеец, кој е првостепено осуден во случајот Рекет, ОЈО му ја прифати гаранција во имот без да утврди потекло на пари, анализира за Алфа експертот по безбедност и криминалистика Љубомир Ѓурчески.

– Таму станува збор за огромни пари за милион евра тука Обвинителството потфрли и тука е најголемата грешка. Ако тоа се утврдело тогаш ќе се поставело прашањето дали обвинителството ќе било спремно да го прифати нагодувањето со Зоран Кичеец односно признавањето на вина или ќе одело на тоа  да го задржи по секоја цена како обвинето лице затоа што тој се стекнал можеби со повисокоа материјална корист. Можеби и дел од оваа гаранција сега што ја дава можеби е стекната од тие пари кои беа предмет на кривичното дело – вели Ѓурчески.

Признанието на делото од страна на Кичеец според Гурчески е паметен потег, бидејќи немал поинаков излез од фактичката состојба која ја виде и јавноста преку видео снимките од безбедносните камери на Камчев. Но отвара дилема фактот дали тоа било пресметан чекор за да се направи дефокусирање и истрагата за Кичеец да прекине овде, односно да не се утврди потеклото на неговиот имот и на каков начин тој го стекнал низ годините.

-За конкретното лице обвинителството требало да си поведе постапка за испитување на имотот но во друг дел. Друга постапка затоа што тој на секој чекор, барем во последните 10 до 15 години искуствата наши покажуваат тој секогаш се вртел во криминалните структури, односно во подземјето. И бил близок до структури кои што сторувале одредени кривични дела неовластено посредување, перење пари, трговија со дрога …

Зоран Милески Кичеец беше второбвинет во случајот Рекет, на првото рочиште го призна делото и судот го осуди на 3 години затвор, а мерката притвор му ја замени со куќен притвор. По 10 месеци, судот ги укина сите мерки на претпазливост. Кичеец чека одлука на Апелација односно дали ќе му ја намали затворската казна, во која му се пресметуваат и деновите поминати во притвор.

Во меѓувреме случајот Рекет во кој се обвинети Боки 13 и екс специјалната обвинителка Катица Јанева е во доказна постапка. Боки 13 е во притвор во Шутка, а Јанева е во куќен притвор. Одбраната на Јанева во телефонски разговор ни посочи дека по одлуката за укинување на мерката на Кичеец, најверојатно и тие повторно ќе понудат гаранција за Јанева да се брани од слобода.

Kатерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста