Фискалните мерки не смеат да доцнат, Народната Банка навремено реагираше

Фискалните мерки не смеат да доцнат – алармираат бизнисмените и аналитичарите. Додека Владата се уште анализира, Народната банка навремено реагираше. НБРМ ја намали основната камата од 2% на историски најниски 1,75%. Монетарната политика се олабави за да му помогне на бизнисот полесно да излезе од кризата што ја предизвика коронавирусот. НБРМ на овој начин им даде сигнал на банките да ги намалат каматите на кредитите кои фирмите ќе ги земаат за да застанат на нозе. Се разгледуваат и дополнителни мерки за помош на економијата.

„Овие мерки се однесуваат на евентуални промени коишто ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања“ – велат од НБРМ.

Банките ќе реагираат и ќе ги поевтинат кредититте, но не веднаш. Затоа фирмите бараат итни мерки од Владата, како што тоа го сторија земјите од соседството. Најважно, според нив, е и покрај затворањето на границите за патници, камионите да не застанат да возат, протокот на стоки да продолжи непречено, за да не се парализира економијата. Од асоцијацијата Макамтранс велат дека начелно била прифатена нивната иницијатива , возачите на камиони наместо како досега да мора да поминуваат во 14-дневна самоизолација, да се водат како да се во мини карантин во своите возила, а товарењето да го прават лица однадвор кои ќе немаат физички контакт со возачот. Притоа документите ќе треба да се земаат на посебни надворешни шалтери во папки кои редовно ќе се дезинфицираат.

Засега се знае само дека ќе има евтини кредити за фирмите од угостителскиот, туристичкиот сектор и малите транспортни фирми од Развојната банка во износ од 5 милиони евра. Другите држави веќе имаат првичен сет мерки за помош на бизнисите.

На пример, Шпанија, Италија, Данска и Грција го одложија плаќањето на ДДВ од 1 до 6 месеци, зависно од државата. Грција, Британија и Франција го одложија плаќањето на другите даноци и придонеси, додека Кина, Индонезија, Тајланд и други решија да ги поддржат медицината, туризмот, хотелиерството со секторски мерки. Субвенции за компаниите предвиделе досега Германија, Франција и Британија.

И Бугарската Влада вчера излезе со сет од 16 мерки. Тие вклучуваат одложување на плаќањето на даноци на граѓаните за 60 дена, плаќање на данок на добивка со 30 дена задоцнување, компензација за оние што ќе бидат привремено отпуштени од работа, како и надомест за порастот на цената на струјата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста