ЕКСКЛУЗИВНО ЗА АЛФА: Најмалку четири Македонци повеќе од 30 часа заглавени на границата меѓу Хрватска и Србија

Најмалку четворица Македонци повеќе од 30 часа заглавени на границата меѓу Хрватска и Србија. Нивниот пат од Словенија за Македонија трае веќе трет ден, а кога ќе стигнат се уште не се знае. Прво на границата меѓу Словенија и Хрватска биле задржани 10 часа, а меѓуграничната зона меѓу Хрватска и Словенија е нивни дом повеќе од еден ден, а кога ќе бидат пуштени се уште не се знае. Зоран Георгиев чија ќерка студира во Словенија, за Алфа сведочи дека таа во моментов се наоѓа на хрватско- српската граница, без да знае кога ќе стигне во својот дом.

-На граничниот премин Батровци доаѓаат вчера сабајле околу 11, немаат никакви основни услови, човечки нормални, немаат каде да купат вода, немаат тоалет во меѓузона. Хрватите не ги пуштаат да се вратат назад во тоалет да одат и вода да си купат за пиење, Србите не ги пуштаат наваму викаат вие не можете да влезете, вели Георгиев за Алфа.

Георгиев го контактирал Министерството за надворешни работи, од таму добил одговор дека се уште не знаат кога неговата ќерка ќе си дојде дома.

-Од Министерството за надворешни ни рекоа дека контактирале со министерот и со луѓе од Србија и дека чекаат одговор. Што ќе биде поим немаат, тие не можат да бидат во умовите на српските власти. Меѓутоа нашиве од тука да беа толку заангижарани буквално ќе земеа автобус и тие што доаѓаат од Унгарската граница и од Батровци ќе ги земевме, вели Георгиев за Алфа.

Голем број македонски државјани последниве 24 часа се заглавени и на границата меѓу Србија и Унгарија, информациите велат меѓу имало и деца. Сите тие тргнале кон Македонија, но поради мерките за превенција од коронавирусот не можат да го продолжат патот кон дома.

Матеја Петровски