Седум нови случаи на заболени со корона – се затвораат границите и аеродромот во Скопје
Седум нови случаи на корона вирус во Македонија. Четворица од ново дијагностицираните се од Дебар и тие биле во претходен контакт со веќе заболените нивни сограѓани. Една пациентка е жена на 54 годишна возраст која пред четири дена се вратила од Холандија. Таа е веќе хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести. Уште двајца скопјани биле позитивни на Ковид -19 преку испитување направено во приватна болница во Скопје, но за нив надлежните ќе наложат уште едно тестирање во акредитирана лабораторија.
„Две лица кои имале симптоми на грип се јавиле во лабораторијата на Клиниката „Жан Митрев“. Тие биле спроведени по протоколот на болницата, земени се материјалите и тестовите се позитивни. Меѓутоа, ние тие тестови поради усогласување и унифицирање на методата на тестирање, во текот на утрешниот ден ќе ги тестираме во нашата лабораторија“, потенцираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Владата на седница го забрани влезот за сите странски државјани во земјава, освен за возачи на транспортни возила кои ќе можат да влезат по однапред договорени протоколи. Влезот ќе биде дозволен и за претставниците на конзуларните претставништва. Од четврток на полноќ клуч на врата ќе добие и скопскиот аеродром. Надлежните ги повикаа граѓаните да не патуваат, а македонските државјани од трети земји да не се враќаат во Македонија.
„Македонските државјани кои што имаат регулиран престој во друга држава, кои што имаат дома и надвор од дома, во овој кризен период да не се упатуваат кон татковината. Да ги следат мерките и упатствата на тамошните влади. Наш прв приоритет се оние граѓани кои што не се во татковината, немаат друга дома и се затечени на аеродроми со откажани летови“, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Во моментов во Македонија има 23 официјално потврдени случаи со корона вирус, а резултатите за двајца ќе треба да се повторат. Од нив девет се лекуваат во Дебар, а 14 на Клиниката за инфективни болести. Вчера, првата пациентка со Ковид – 19 во земјава, беше пуштена на домашно лекување.
Биљана Божиновска