Филипче: Свидетелства може да се делат во училишните дворови; Кој си игра со учениците?
Министерот за здравство Филипче контра Бирото за развој на образование – не гледа проблем да се делат свидетелства во школските дворови. БРО како единствена причина зошто нема документи со стекнат успех за учениците ја наведе пандемијата, и покрај речиси целосното олабавување на мерките. Како да заборавија дека лани летото во среде пандемија се делеа во дворовите. Дополнително се продлабочува дилемата, дека документи нема само поради проблеми со тендерските набавки.
Свидетелствата можат да се делат во дворовите. Се што може да се организира надворешни услови, може да се направи – смета Филипче.
И опозицијата обвинува. ВМРО ДПМНЕ бара одговорност од ресорното министерство и Бирото за развој на образование. Дополнително ги револтира фактот што некои училишта ги условувале учениците да плаќаат и по 200 денари од свидетелство, во спротивно ќе останат без документите потребни за упис во средно училиште или факултет.
Ако се земе предвид дека според закон основното и средното образование се задолжителни и БЕСПЛАТНИ, тоа значи дека власта го крши законот. Затоа бараме одговорност . Владата и Царовска треба веднаш да ги рефундираат средствата на учениците кои платиле но и да понесат морална и политичка одговорност за ваквото бесрамно пљачкање на народот во криза.
Во услови кога околу 600 илјади лица живеат во сиромаштија, а околу 35 илјади домаќинства се социјални случаи, ваквите незаконски давачки се недозволиви – изјави Велика Стојкова Серафимовска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако Сојузот на средношколци го обелодени скандалот со наплаќање за свидетелства кои законски им следуваат на учениците на крајот на школската година, Државниот просветен инспекторат изврши надзор, по што се потврди дека Раководителите на медицинското училиште во Тетово и гимназијата во Прилеп им собирале пари на учениците за да добијат документ за завршена школска година и стекнат успех. Прашањето е кој ја зборува вистината? За сега е извесен само фактот дека колатералната штета се учениците.
Адријана Алексиеска