Епидемијата на Корона, прераснува во епидемија на откази

Угостители, текстилни работници, трговци, па и новинари. На големо се множат алармите за најави за губење работни места во земјава поради Коронакризата. Дејностите во кои работат десетици илјади вработени, се подготвуваат да стават клуч на врата. Само во трговијата на нешто повеќе од 29.000 работници, им се закануваат присилни откази.

Алфа ги праша надлежните колку работници останале на улица. Во време на епидемија кога на голема врата се бркаат работници, од Агенцијата за вработување за Алфа ја објаснија процедурата, без точно да прецизираат за колкав број се работи.

– За 1 лице може да има повеќе пријави или одјави и тоа во ист месец, на пример ако лицето било вработено на определено време, па по истекот на определеното работно време да се реализирало одјава од задолжително социјално осигурување, а потоа за истото лице да се реализирала нова пријава во задолжително социјално осигурување кај истиот работодавач, велат од Агенцијата за вработување.

Но она што дополнително загрижува се и информациите што се шират по социјалните мрежи, каде луѓето се се повеќе загрижени. Па така и покрај субвенциите на Владата, без работа ќе останат и медиумски работници и новинари. Десет работници од интернет порталите „Локално“ и „Стандард“, добиле решение за прекин на работниот однос.

Дополнително, за своите работни места стравуваат и илјадници вработени во странските инвеститори, каде газдите добар дел од работниците ги испратија на принудни одмори, но прашање е до кога тие ќе траат.

Тешка е состојбата и во текстилот, каде исто така се алармира за загуба на работни места. Околу 200 работници од скопската конфекција „Мак Примат“ останаа на улица. Разочарани, излегоа на протест пред Агенцијата за вработување.

Инаку државата предвиде мерки за оние што ќе останат без работа. Граѓаните кои останале на улица ќе добијат 50% од просекот кој го земале во последните шест месеци. Колку месеци ќе го земаат овој надомест, зависи од работниот стаж на работникот.

Но, она што дополнително е иронично, е што фирмите кои ги оставија работниците на улица, ќе можат да конкурираат за државна помош, само затоа што отказите ги поделиле пред да се објават владините мерки.

Борис Грујоски