И Пендаровски против предлогот за минимална плата за сите административци

Државата соодветно се постави во борбата против корона вирусот и засега нема потреба од дополнителни мерки е заклучокот по советот за безбедност. Според претседателот Пендаровски не се разговарало за опцијата за ограничување на движењето на граѓаните 24 часа. Следните потези ќе зависат од развојот на ситуацијата, а никој не може да предвиди кога ќе се случи пикот. Респираторите од Норвешка наменети за Македонија биле заглавени во депо во Турција која воведе ембарго за извоз на респиратори. Претседателот се надева дека проблемот наскоро ќе биде решен.

“Капацитетите не се на ниво на Швајцарија или Германија, но нашата поставеност е адекватна. Секоја анализа ќе биде неблагодарна ако можеме да издржиме месец, два или три. И најоптимистичките сценарија не кажуваат дека ќе има вакцина до крајот на годината”, изјави Пендаровски.

Шефот на државата не се согласува со предлогот на лидерот на СДСМ Заев целата администрација да зема минимална плата од 14 500 денари. За Пендаровски прифатливо е единствено на минималец да бидат функционерите. Ќе бил прв од функционерите кој ќе се откажел од целиот приход ако владата излезе со таков предлог.

Според Пендаровски потребна е мобилизација на сите економски капацитети на државата и прибегнување кон најрадикалните мерки само во крајна нужда и со определен рок. Тој ја отфрли можноста да дојде до печатење пари. На тоа како што рече не помислуваат ниту други држави во Европа. Тој до истекјот на вонредната состојба на 16 април ќе свика уште една седница.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста