Државната помош од пет милиони евра дополнително ги навреди и понижи македонските тутунопроизводители

      Издвојувањето на пет милиони евра од петтиот пакет Ковид-мерки, која инаку е прва финансиска помош за македонските тутунари, наместо да ги смири со месеци незадоволните тутунари, дополнително ги разгневи. Според нив, оваа помош не била финансиска инјекција за нив, туку перфидно мачкање на очи за невидената кражба која се случува при годинашниот откуп на тутунот.

  „Пет милиони евра, во ситуација кога тутунарите се опљачкани со над 30 милиони евра, некаде можеби и 35 милиони, не значат ништо. Тоа се 10 денари по килограм тутун. Значи, едноставно како да ги нема. Тоа не се пари кои што можат да придонесат за некакво стимулирање на земјоделците, за некакво помирување со состојбата која што се наметна“, – ни изјави за Алфа, Васко Јосифовски, од новоформираното ТЗ „Тутунска надеж“.

    Освен од ова, тутунарите не се задоволни и од најавата на министерот Хоџа за пролонгирање на откупниот рок за еден месец, односно до 31 март. Стравуваат дека тоа е игра на државата за купување време, и за исплатата на овие 5 милиони евра, а и за уценување на тутунарите при потпишување на новите договори.

  „Мислиме ние дека ќе се одолжат и овие пет милиони за да се дадат. И се дава простор на Владата уште повеќе од месец дена, бидејќи дури не заврши, ако се продолжи, откупот ќе трае до 31 март, тие пари ќе ги дадат во мај месец. Ќе се одолжи давањето на субвенциите…Знаете дека крајот на февруари секогаш се прават новите договори за новата реколта. Значи врз луѓево ќе се врши притисок, ќе се врши уцена – ако сакаш да ти го земам вишокот тутун, ќе мораш да направиш договор“, – објаснува Игор Мирчески од ИО на незадоволните тутунари.

    Следствено на ваквите состојби, тутунарите вријат и на социјалните мрежи. „По сто денари не опљачкаа, со 10 денари мислат да не фарбаат“, „На народот пред очи не му се гледа, го испокрадивте по 60/90 денари, башка со одбитоци, сега ќе го лажете со по 10/20 денари“, „Г- не Заев, а бе Вие, навистина си играте со тутунариве, немојте со нас, оти ќе бидете пишман“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

    Инаку, откупот законски треба да заврши за десет дена. Според проценките, за откуп вкупно има уште околу 4-5 милиони килограми тутун, кој според тутунарите, може да се откупи, но под услов државата да ги притисне откупувачите да ја зголемат динамиката и предвреме да не ги затвораат пунктовите.   

Каролина Дурло