Додека власта бара избори, корона вирусот продолжува да коси – 164 новозаболени и двајца починати
Ситуацијата со корона вирусот во земјава од ден на ден станува се подраматична. Повторно троцифрени бројки. Во последното деноноќие се регистрирани 164 лица позитивни на Ковид 19.
Загрижувачки е фактот што се појавуваат нови кластери како што изјави министерот за здравство, а два од нив се од големи семејни прослави. Од прославата со 200 гости во Охрид, заклучно со денеска се дијагностицирани 17 заразени а уште 15 ќе се тестираат. По направените епидемиолошки анкети, 40 лица ќе одат во самоизолација.
Другиот кластер е свадба во Скопје со 100 гости, каде досега има 14 позитивни.
Алфа испрати прашања до Владата дали ќе донесе уредба со која би ги казнила организаторите на овие прослави, што би можело да биде пример за други да не прават приватни големи прослави во своите домови овој период и зошто Владата претходно не донесе уредба со која би се забранило големо групирање на луѓе во своите домови. За сега не добивме одговор.
Наместо уредби со кои ќе се забрануваат семејни собири што предизвикуваат нови кластери, здравствените власти за сега останаа само на препораки и повикување на граѓаните да останат дома. Велат дека собирите и семејните прослави се забранети, но дали ќе се казнат не се знае.
Имаме пациенти кои се заразиле затоа што не ги почитуваат мерките, не може да се прави свадба со 100 луѓе кога тоа е забрането, не може да се прават прослави со 200 луѓе во Охрид, кога не е дозволено – вели министерот за здравство Венко Филипче
Инаку, и денеска главниот град е на неславното прво место со 85 ново заразени, а Општина Чаир повторно брои најголем број на активни случаи и тоа 235.
Адријана Алексиеска