Демант од Министерството за надворешни работи за прилог на Алфа телевизија

Министерството за надворешни работи објави демант за прилогот на Алфа „Вработените во македонската Амбасада во Берлин не зборуваат македонски јазик, знаеле само албански?!“. Алфа телевизија објави прилог откако луѓе кои побарале помош од македонската амбасада во Берлин, а наишле на проблем откако од страна на вработените им било кажано дека не знаат македонски јазик, како и уште други јазици кои биле понудени од страна на лицето кое ги побарало. Вработените кажале дека знаат само албански јазик.

Демантот ви го пренесуваме во целост:

„Амбасадата на Република Северна Македонија во Сојузна Република Германија категорички ги отфрла тврдењата на ТВ Алфа во вчерашниот прилог со наслов „Вработените во македонската Амбасада во Берлин не зборуваат македонски јазик, знаеле само албански?!”, објавени по повод изнесените наводи на госпоѓата Македонка Димитрова на Фејсбук.

Во оваа прилика, сакаме да ја информираме јавноста дека се работи за неоснована, непотврдена и неточна информација, бидејќи вработените во Амбасадата во Берлин, кои се стручни кадри упатени од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, најпрофесионално и одговорно ги извршуваат работните обврски, како во поглед на развојот и унапредувањето на билатералните односи со Сојузна Република Германија, така и во пружањето конзуларни услуги на нашите државјани и комуникацијата со дијаспората.

Во ова време на отежнати околности, предизвикани од корона пандемијата, Амбасадата деноноќно прави максимални и натчовечки напори за излегување во пресрет на нашите граѓани, со секојдневни непосредни услуги на повеќе десетици странки, телефонски повици, електронски обраќања и други видови на комуникација.”

П.С.: Автор на текстот на овој демант, е еден од „непознавачите” на македонскиот јазик, односно амбасадорот Рамадан Назифи, вработен повеќе од 25 години во Министерството за надворешни работи, кој освен македонскиот, владее со уште седум други јазици, од кои 5 активно.

Берлин, 11 јуни 2020 година

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста