Доцнат владините мерки за помош на стопанството, помошта ни од далеку не е доволна, критикува бизнисот

Владата доцни со носење на мерките кои за време на пандемија сериозно им се најпотребни на граѓаните и компаниите. Корона кризата силно удри по македонското стопанство кое диши на шкрги, а од досегашните владини мерки, ретко кој е задоволен. Реагираат буквално сите, а гласот го кренаа синдикатите, кои остро се противат на покачување на цената на акцизата за 2 денари во време на епидемија.

Бизнисот бара од владата конкретни мерки, кои вистински ќе им помогнат, но и ќе ги заштитат работниците кои речиси секој ден остануваат вез работа.

Од текстилната индустрија реагираат дека едвај преживуваат. За Алфа велат дека досегашните мерки биле само козметички и бараат нов гломазен пакет за да можат да преживеат.

Маријана Перковска од Текстилниот кластер за Алфа рече дека не само текстилните компании, туку и сите фирми се соочуваат со досега не видени загуби. Ако државата не помогне, дефинитивно ќе се затвораат и фирми, и работниците ќе бидат избркани од работа.

Дополнителен хаос создаваат и веќе донесените мерки кои на фирмите повеќе им создаваат проблеми отколку што им помагаат. За бескаматните кредити кои треба да им помогнат на фирмите кои се на удар се бара еден куп документација за која фирмите се приморани дури и лично да одат на шалтерите.

Револтирани се и синдикатите. Велат дека Македонија треба да преземе решителни и храбри чекори за да ги заштити работниците, но тоа не се случува. Капак на се, велат е и најавата за поскапување на акцизата што ни малку не било потребно.

Синдикатите реагираат дека работниците не биле заштитени ниту со првиот, ниту со вториот сет мерки.

Синдикатите бараат да не им се дава финансиска помош на фирмите кои имаат отпуштено работници од почетокот на март, бидејќи според нив, не било фер, некоја компанија што поделила откази да може да добие пари. И сугерираат на Владата да донесе уредба за компаниите да не смеат да ги намалуваат платите повеќе од 20% и никако под нивото на минималецот, посебно не сега за време на сиромаштијата.

Инаку, Владата досега донесе одлука да субвенционира половина од придонесите за вработените од секторите туризам, угостителство и транспорт. А обезбеди и 14 милиони евра безкаматни кредити за стопанството. Опозицијата обвинува дека власта доцни со конкретни мерки и сега граѓаните ќе ги плаќаат високите камати од задолжувањата на власта.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста