Делчев и Тито – „лепак“ за поделената македонска нација

Дали невкусните изјави на официјална Софија го сплотија македонскиот народ? Дали ликот и делото на Гоце Делчев што Бугарија сака да ни го одземе, но и  изјавата на Захариева дека “славењето на диктатор како Тито“ во Македонија е некомпатибилно со ЕУ, се лепакот кој ќе ги соедини Македонците, без оглед, дали им е поблиска заедничката историја во СФР Југославија,  или  идеологијата, дека самостојна Македонија, почива на идејата на  Делчев?

Откако бугарската министерка за надворешни работи Захариева, кажа, дека местото на Македонија засега не е во ЕУ, затоа што македонската политика продолжува да ги следи идеалите на Тито и Сталин, и го чествува, како што го нарече најмрачниот диктатор – Тито, социјалните мрежи буквално зовреа. Речиси исто,  како, кога и бугарските власти кажаа дека Делчев е Бугарин, а не Македонец.

На ваквите коментари реагираа и дел од македонските јазичари, историчари…велат дека Захариева не ја знае добро историјата. Според нив неумесните изјави на официјална Софија го сплотија македонскиот народ.

Тоа ги спојува затоа што целата таа содржина е на некој начин олицетворение на македонската посебност. Ако го влечеме историскиот корен од идејата на Гоце Делчев ние таа ја доживуваме во времето кога Тито бил водач и на партизанското движење и претседател на Југословенската федерација. За нас е битно што секогаш се дава предност на македонските самостојни цели…..Она што го овозможи Југословенската федерација на Македонија, фактички е болката сега на Бугарија и на европските сили. Автохтониот македонски опстој во лицето на јазикот, културата, историјата и државноста …вели Наташа Котлар – историчар.

Европската Унија кон која се стремиме, не сака да навлегува во спорот меѓу Македонија и Бугарија. Велат проблемите мора билатерално да се решаваат. Не коментираа кога Бугарија побара од Македонија да го даде Делчев, не коментираат ни сега кога Софија го поврзува почетокот на преговорите со чествување на Тито. Портпаролката на Европската комисија (ЕК), Ана Писонеро, изјави дека Комисијата и натаму се надева дека преговорите со Македонија ќе почнат што поскоро, но одби да ги коментира изјавите на Захариева. Сепак потсети дека унијата функционира по принципот на консензус..

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста