Дали економските мерки се вистински или се поткуп на гласачи?

Над 350 милиони евра предизборно ќе им се поделат на граѓаните и фирмите. Опозицијата и политичките аналитичари ја отворија дилемата дали под изговор дека им помага за излез од коронакризата, Владата се обидува да изврши поткуп на гласачи. Голем дел од парите ќе легнат на нивните сметки во јуни и јули. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски алармира дека според него Спасовски вчера го проектирал септември како месец за избори, па затоа и ги таргетирал летните месеци за исплата, бидејќи ако имало избори тогаш, луѓето нема да можат да ги добијат парите. Затоа, според него, мерките се ништо повеќе од обид за поткуп на граѓаните.

Експертската јавност негодува на социјалните мрежи. Поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ, се изјасни против мерката „Викенд без ДДВ“. Според него, се работи за многу лоша мерка со негативни фискални импликации, од која еднаш успеале да ја одвратат Владата, па се надева тоа да се случи и по втор пат.

„Таа ќе направи ужасни гужви по продавниците, што може многу да го рашири вирусот. Мерката ќе доведе и до значаен пад на буџетските приходи, зашто луѓето купувањето на многу производи ќе го одложат за тој викенд кога нема да се плаќа данок. Од мерката многу повеќе корист ќе имаат побогатите, тие ќе ја искористат за да си купат поскапи производи без данок. Мерката ќе доведе и до легализација на даночната евазија, односно ќе им овозможи на фирмите прометот кој не го пријавиле претходните месеци да си го пријават тој викенд без да платат данок“ – пишува Јовановиќ на Фејсбук.

Земјоделците негодуваат. Голем дел од оние што се регистрирани според законот за ПИОМ воопшто не можеа да аплицираат. Побараа да поднесат барања посебно од другите. Но засега освен најави дека ќе го разгледаат нивното барање, нема ништо конкретно. Тие се револтирани и зошто мерката „зелена нафта“ стои во 3-тиот пакет како антикризна мерка, кога се работи за редовна најавена мерка предвидена во буџетот уште од лани. Инаку, зелената нафта беше предизборно ветување на СДСМ уште пред 4 години, кое го реализираше со задоцнување и половично, односно наместо 50%, се покриваа 30% од трошоците за гориво и тоа со задоцнување од неколку години.

Инаку во третиот пакет мерки нема продолжување на државната помош за исплата на 14.500 денари плата по работник. Ова беше барање на најпогодените сектори, земјоделците и занаетчиите, бидејќи ќе работат уште долго со преполовени капацитети и ќе имаат проблем со исплата на плати на кадарот.

Затоа пак ќе има пари за ваучери за одење на одмор во домашните летувалишта, платежни картици за невработените, средношколците, студентите, награди во висина од 20% од основната плата им следува на здравствените работници, а компаниите ќе добијат помош од 200 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста