Дадилката во притвор, Агенцијата молчи

Три дена молк од Агенцијата преку која родителите на малтретираното двегодишно дете ја ангажирале дадилката што беше снимена со безбедносни камери како среде игротека брутално му ја затвора устата со рака за да не плаче, грубо го влече и му удира шлаканици.
Алфа и телефонски и во писмена форма побара одговори од Агенцијата, бидејќи сами не се одважија да објаснат и да дадат детали по случајот кој ја згрози јавноста.

Ниту ни кренаа телефон, ниту одговорија на прашањата дали дадилката имала лиценца, за колку деца се грижела претходно, и дали некој се пожалил од неа. Понатаму, колку се чести контролите, и дали агенцијата пред вработување на дадилка спроведува и психолошки тест.
Од Министерството за труд и социјала се одважија, па најавија вонреден инспекциски надзор за да се утврди дали Агенцијата ја почитувала Законската регулатива при ангажирање на дадилката и дали таа имала добиено лиценца.

Мајката на малтретираното дете која бара дадилката да одговара и за обид за убиство, во телефонски разговор за Алфа вели дека за жената, што пред една година ја ангажирала од агенцијата лоцирана кај Универзална сала, добила уверување оти има лиценца, но никогаш не ја видела.

-Дадилката ја ангажиравме пред повеќе од една година, мислам дека од месец август. Од Агенцијата ме уверија дека има и лиценца, но не ми ја покажаа. Се решив да земам дадилка бидејќи децата многу често ми се разболуваа, па после една недела мината во градинка, наредните три беа дома. Мислев дека жената која ми е и сосетка не е способна да направи вакво нешто. За неа плаќавме по 30.000 денари, а ги чуваше подолг времески период во денот, доаѓаше двократно, некогаш и по 10 часа дневно, изјави мајката.

По овој случај се наметнуваат низа прашања во однос на тоа дали и колку државата води сметка кого препорачуваат агенциите за посредување при вработување на дадилки и негувателки.

Дадилката монструм веќе е спроведена во истражниот затвор во Шутка, а откако судија во претходна постапка и одреди мерка-притвор од триесет дена.

Скандалозниот случај се обелодени благодарение на споделен видео запис од игротека во скопски аеродром и пријава од сопственикот.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста