„Да порачаме дека народот е посилен од власта“: ВМРО-ДПМНЕ најави голем народен митинг на 4-ти април
Промените во Македонија се неопходни. Со оваа власт на ДУИ и СДС, Македонија тоне во сиромаштија, криминал, корупција и безнадежност. Апатијата и поразите мора да бидат заменети со напредок и успеси. Тоа е можно со Платформата 1198 која нуди реални и остварливи проекти и мерки кои ќе донесат систематска промена и напредок на земјата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
- „ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на претстојните избори го нуди концептот „Македонија повторно твоја“, концепт кој се базира на реформи, проекти и многу работа, концепт кој ќе донесе правда, ред и функционалност на системот. Промените се во рацете на секој поединец. Сега е последниот час кога секој човек треба да одбере дали ќе дозволи Македонија да пропаѓа во бездната со ДУИ и СДС, или ќе почнат силни и просперитетни промени и реформи на чело со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Изборот е јасен, исто како што е јасна и разликата на понудите“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потенцираат дека Изборната програмата на партијата „Платформа 1198“ содржи 1198 потреби на граѓаните и бизнисот.
Укинување на балансерот, намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90, реорганизација на министерствата, една изборна единица, укинување на позицијата заменик дирекор, помалку управни и надзорни одбори кои ќе имаат помалку членови – ова се главните проекти на ВМРО-ДПМНЕ за институционална реформа на Македонија.
Нови 55 илјади вработувања, раст на БДП 5 проценти, капитални инвестиции во вредност од 3 милијарди евра.. Ова ќе се реаллизира, велат од опозициската партија, преку задржување на политиката на рамни и ниски даноци, намалување на буџетскиот дефицит и негово потиснување под 3 отсто.
Главната насока ќе биде подобар животен стандард. Уште првата година пензионерите ќе добијат 5 илјади денари линеарно покачување, ветува ВМРО-ДПМНЕ. Вложување на домашните енергетски капацитети, инфраструктурни инвестиции, реконструкција на железнички коридор 10.
Во културата се планирани 750 милиони денари годишно, односно 50 милиони евра за 4- годишен мандат за капитални проекти што ќе ја поттикнат продукцијата на македонски серии и филмови, потоа 800 милиони евра за македонското земјоделство, помош од 250 милиони евра годишно за капитални проекти за општините. Во здравството се најавени вработување на 500 лекари и 500 лица медицински персонал, набавка на 100 возила за Итна медицинска помош, ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема.
Вчера опозицијата ги претстави кандидатските листи за парламентарните избори. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски ќе биде носител во ИЗ 1, во двојка потпретседателот Владо Мисајловски, во тројка пратеникот Драган Ковачки, во ИЗ 4 носител е потпретседателот на партијата Александар Николоски, во петка е генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски, а во шестка носител е пратеничката Дафина Стојановска. Политичките партии најкасно до втори април во вторник треба до ДИК да ги достават кандидатските листи. Изборната кампања за претседателските избори почнува во четврток на 4-ти април, додека за парламентарните избори почетокот е на 18-ти април.