Четири години украден живот на граѓаните – Мицкоски бара оставки од власта

Четири години ветувања, а ниту една најавена странска инвестиција не дојде во Македонија, толку години се уништени од животот на граѓаните – првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски објави цела листа на неостварени ветувања на власта. Според него, Зоран Заев е човекот кој мора да замине од власта, оти наместо инфраструктурни проекти и бенефиции за народот, Македонија стана земја лидер по смртност во регионот во корона пандемијата.

-И најважно од тоа е ако треба во кратки реченици да се опише ова четиригодишно владеење би кажал имаме четири години украден живот, украдоа четири добри години од животот на секој еден граѓанин, ги празнат џебовите на народот, но ја крадат и правдата заменувајќи ја со неправда. Четири години хибриден режим на мафијата на власт. Триесетина луѓе високо во власта одлучуваат за судбините на два милиона луѓе. Тесна клика од триесетина силно криминализирани типови ја имаат запоседнато целата држава, но и самата СДСМ, рече Мицкоски.

Мицкоски јавно го прозва Заев , бара одговор дали ова е реалноста која ја ветуваа. Наместо раст на БДП, за четири години колку СДСМ е на власт просечниот раст е 0.7% или точно за седум пати помалку. Нема ниту правичен даночен систем, а според Мицкоски во целиот овој период најголем удар претрпе стопанството. 8-те милијарди евра инвестиции кои ги најави Заев според опозицискиот лидер ќе останат бројки запишани само на хартија.

И додека Заев се фали со инфраструктурните достигнувања, Мицковски го потсетува дека автопатот Охрид-Кичево остана недовршен, а епохално стана нивно ветување за Коридорот 8, односно изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.

Според Мицкоски катастрофални се и резултатите кои ги постигна актуелната власт во справувањето со пандемијата, но и бројните ветени покачувања за лекарите и медицинските лица.. Неславни според него биле и резултатите во образованието, културата, спортот…

Наместо бројните ветувања за идентитетот , јазикот и историјата Заев и владата која ја предводи нанесоа трајни белези врз се што значи македонско, категоричен е Мицкоски. За четири години, вели Македонија доби два штетни договори, кои ја чинеа премногу а за возврат не добивме ништо. За сите овие ветени а не исполнети  проекти Мицковски  му фрли ракавица на Заев и го покани на дебата, местото и времето му ги отстапи нему.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста