„Брука“- експертите незадоволни од новиот закон на власта за Јавно обвинителство

Власта глува на препораките од експертите. Ќе си носи нов Закон за јавно обвинителство заобиколувајќи ги советите кои професорите од правниот факултет, Гордан Калајџиев, Никола Тупанчески, Гордана Силјановска Давкова и други ги даваа неколку дена во Собранието. Наместо напишан од експертите, ќе се гласа закон напишан од коалиционите партии на власт, СДСМ и ДУИ. Според универзитетскиот професор по кривично право Калајџиев, ваквиот предлог текст е брука.

-Последната верзија на Законот за јавно обвинителство што е сега во процедура не само што не ги отстрани контроверзите што ги зготвија партиите туку напротив ги дорасипаа! Брука, напиша Калајџиев на Фејсбук.

Проблематичен за познавачите е и начинот на кој власта се обидува да го протурка овој закон. Барањето на опозицијата да се прифатат препораките на експертската јавност, за Владата е неприфатливо. Професорката Мирјана Најчевска, која важеше за еден од најгласните активисти во текот на Шарената револуција, вели потребен е нов закон, но не напишан од политичките елити.

-Значи, знаевме ние дека ќе дојдеме до оваа ситуација и едноставно требаше во една многу редовна, многу смирена процедура во којашто ќе имаше низа од јавни расправи и тоа со различни структури. Со судии, со јавни обвинители, посебно со експерти, посебно со граѓанските организации и слично, коишто од различна перспектива ќе го дадеа своето мислење и врз основа на чиишто мислења ќе можеше да се изгради соодветен Закон. Не требаше тој закон да си влезе во собраниска процедура, Собранието да организира серијал од јавни расправи и врз основа на тоа да биде донесен и најсоодветен закон, изјави Најчевска.

Работни групи на власта и опозицијата долго време преговараа за новиот Закон за јавно обвинителство, но до договор во ниту еден миг не стигнаа. Владејачката СДСМ сега на два дена пред распуштање на Собранието, реши да изгласа закон заобиколувајќи ги буквално сите препораки кои ги дадоа експертите во Собранието.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста