Трет ден без одговори: Алфа во нејзиниот дом ја побара тештата на Филипче, вратата остана затворена

Како тештата на министерот за здравство Филипче, која е пензионерка гради огромна куќа на атрактивно место во Скопје? За разлика од  вчера кога за информацијата на Алфа, неповикано реагираше Министерството за здравство кое го брани министерот, сите останати молчат за изградбата на скап станбен објект, во кој соинвеститори се мајката на сопругата на Филипче и редовен добитник на тендери во здравствениот бизнис, за кој министерот јавно призна дека го познава.

Во меѓувреме трет ден молк од Катерина Савевска и Горан Филипов, сопственикот на компанијата „Синерџи“, која само на еден тендер во декември добила 1,7 милиони евра од министерството, кое го води зетот на неговиот соинвеститор. Откако не успеа да ја пронајде на телефон, Алфа денеска реши повторно одговори да побара токму од тештата на Филипче, отидовме на адресата каде што се води нејзиното живеалиште.

За жал едночасовниот обид да дојдеме до тештата на Филипче беше неуспешен.

Во потрага во вистината, екипата на Алфа реши да побара одговори од Катерина Савевска, тештата на министерот за здравство Венко Филипче. Дојдовме на адресата каде што се води нејзиното живеалиште во центарот на Скопје, но вратата барем денеска за екипата на Алфа остана затворена.

Покрај молкот од Савевска и Филипов, повеќе информации не открива ниту министерот Венко Филипче, наместо тој лично, во негово име реагираше министерството, кое побара извинување за објавен прилог на Алфа телевизија, во  кој се отвораат основани прашања од јавен интерес. Оттаму велат оти се изнесувале неосновани претпоставки, но не се кажува што во информацијата е неточно.

-Не постои никаква поврзаност помеѓу министерот Венко Филипче и наводниот објект за којшто се зборува во прилогот или со сопственикот на објектот. Секоја релација што е наведена во прилогот е неоснована, произволна и резултат на претпоставки. Целиот прилог се базира врз наводни врски и наоди кои се истакнати во самиот прилог и кои немаат врска со реалноста. Исклучена е можноста за какво било влијание врз тендерската постапка од страна на министерот или кое било друго лице од Министерството за здравство. Од медиумот Алфа бараме да се извини за невистините изнесени во текстот, порачаа од Министерството за здравство.

Нејасно е зошто министерот самиот директно не негираше дека негова роднина и сопственикот на „Синерџи“, за кој потврди дека го познава, но НЕ биле многу блиски пријатели, заедно градат куќа.

Според документи до кои дојдовме името и презимето, а и адресата на сопственикот на „Синерџи“ е иста со податоците во катастар. Куќата постои, се наоѓа во Нерези и е во постапка на градба.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста