Аналитичари: Македонија ја заслужи оценката хибриден режим

Извештајот на Фридом Хаус не е изненадување. Респектибилната невладина организација, уште еднаш потврди дека земјава прави „стој во место“ и целосно се игнорираат состојбите во полето на демократијата, демократското владеење,  судството, кое никако да стане независно, корупцијата, која наместо да се искорени, се негува и стимулира.. Универзитетскиот професор Владимир Божиновски за Алфа вели дека денеска гледаме дека она што, пред пет години, беше победничко изборно ветување на сегашната власт, денес е само желба, на чие исполнување никој не работи.

Проблемите со корупција, со судството, и се она што на некој начин требаше да се решава, но наместо да се решава, се заглавува или се игнорира. И сето тоа резултира со стагнација и узанадување во повеќе области. Ако земеме на пример компарација помеѓу оцените во последните неколку години и на пример 2015 кога беше протестите на Шарената револуција со која се бараше промени, ние може сега да видиме дека сме многу пониску од тоа што бевме тогаш. Така што оваа власт за овие пет години не само што не успеа да ја оддржи позицијата која што ја имавме 2014/15 туку и ја влоши вели Божиновски.

Оценката од 3,25 за независноста на судството, Македонија ја доби, само поради најавите за реформи во правосудниот систем, но без нивна имплементација, далеку сме од највисоката оценка што ја дава Фридом хаус – седумка.. Според Божиновски, не само во судството, уназадување може да се забележи и во економијата и инвестициите. Македонија доби ниска оценка дури и за независноста на медиумите.

Генерално, имаме некои најави и планови за реформи, но во делот на имплементацијата, едноставно се потфрла. Сега, дали нема знаење или нема волја, тоа е друго прашање но, очигледно е дека иако во Македонија има доста добри законски решенија тие не се имплементираат. Така што и самата имплементација очигледно е сериозен проблем – вели универзитетскиот професор.

Во последниот извештај на „Фридом хаус“ Македонија не ја промени ланската позиција на хибриден режин и остана со оценка тројка. На скала од еден до седум, земјава е со оценка од 3,5 за демократско владеење, 4,25 за изборен процес, 5,25 за граѓанско општество, 3,25 за независни медиуми, 3,25 за независно судство, додека 3,00 за корупција.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста