СОНК: Штрајкот продолжува, нее добро што власта ги заплашува наставниците дека нема да земат цела плата

Нема да прекине штајкот на просветарите и во наредните денови, наставниците и вработените во градинките ќе одат на работа, ама нема да држат настава, велат од СОНК по состанот со членството. Првиот човек на синдикатот Јаким Неделков рече дека не прифаќаат зголемување на платите за 10%. Вели дека ги разгледале заклучоците од владината седница и одлучиле да продолжат со бојкот се до исполнување на барањата.

- Советот на СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот доколку Владата ги почитува законите, и тоа го бара Советот на СОНК – до септември односно до изминување на шест месеци од носење на минималната плата, таа да се усогласи со гранските колективни договори, како што е, впрочем, предвидено во Законот за минимална плата. За волја на вистината, до денешен ден ниту еднаш не е испочитуван овој закон, рече претседателот на СОНК откако денеска биле анализирани заклучоците од вчерашната седница на Владата.

Министерот за образование, пак, очекува СОНК да ја прифати одлуката за 10% повисоки плати 10% и кадарот да се врати на работа. Вели, ако синдикатот реши да продолжи со штрајкот, министерството ќе почне да собира информации колку наставници се вратиле на работа и ќе одлучува како понатаму.
- Се надевам и треба да има одлука во корист на децата. И покрај нивното несогласување со ситуацијата, очекувам да има настава, а ние да продолжиме со преговорите иако не се согласуваме со одредена точка. Ако СОНК повторно одлучи (за штрајк), ние како министерство ќе ги разгледаме сите законски можности за начинот на реализација на настава. За реалната ситуација ќе се соберат податоци во текот на утрешниот ден, после вторник ќе видиме. Но, пак кажувам – се надевам дека ќе имаме позитивна одлука за наставата на децата во основните и средните училишта. За другите работи ќе може да преговараме понатаму, рече Шаќири.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со можноста на штрајкувачите да им бидат скратени дневниците, Шаќири рече дека кога има штрајк, неговите организатори треба да ги известат сите што се вклучени за правните аспекти.
- Во делот на платите, ќе треба да има правен основ за да се исплатат. Неколку пати сум кажал – ако СОНК има правно решение за тоа, законодавните институции ќе ги разгледаат можностите за таквата ситуација. Тој гнев на членството ќе треба да се обрати до раководството, да се разгледа правниот основ на тоа што тие го бараат, а ние како институции секогаш ќе го почитуваме законот“ рече министерот за образование и наука.

Отако од СОНК го одбија овој предлог, уште еднаш укажуваа дека одредени министри се обидуваат да ги заплашат штрајкувачите, дека ќе им бидат скратени дневниците за време на штрајк, што според синдикатот е обид за спречување на штрајкот.
- Се врши силен притисок врз штрајкувачите. Одредени министри во Владата ги заплашуваат вработените кои штрајкуваат дека ќе им бидат скратени дневниците за деновите во штрајк. Освен законското право за исплата на плата во штрајк, постојат и членови во колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето на дневници за време на штрајк, во кои се вели дека работодавецот е должен да исплати надоместот на плата за време на штрајк доколку Синдикатот организирал штрајк поради кршење на правата на работниците. Затоа, не треба да се заплашуваат вработените дека нема да им биде исплатена плата, рече Неделков.

По прес конференцијата на СОНК, од труд и социјала го повикува Синдикатот уште еднаш да ја преиспитаат одлуката и да го почитуваат правото на децата за пристап до образование, како и непречено одвивање на дејноста згрижување и воспитување на децата.
Во делот за градинките, министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска рече дека не се работело за притисок, тоа што просветарите кои штрајкуваат нема да земат плата, туку за почитување на Законот за работни односи и Колективниот договор.
СОНК бара покачување на платите за 18,4% додека Владата им понуди само 10% и побара тоа да се прифати, зашто за сега повеќе пари не можеле да обезбедат за оваа намена.
Борис Грујоски