Петков ги собра коалицијата на средба: Дали Македонија конечно потклекнува пред бугарските уцени?!

Кирил Петков оствари средба со лидерите на коалиционите партнери по интензивираните преговори со македонските власти и честите средби со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според бугарски „24 часа“ една од темите на средбата била токму европската иднина на Македонија, а истата доаѓа по изјавата на бугарскиот премиер дека последниве три месеци имало голем напредок, и постигнат бил договор за дел од спорните за бугарска страна историски личности, кои до пред извесно време биле тешки за решавање.

-Нема да навлегувам во детали за Комисијата за историја, но ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам детали, дојдовме до напредок по тие прашања на многу конструктивен и реалистичен начин кој што ни отвора можност за забрзаување на нашите преговори.  Некои работи што беа тешки за надминување сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ќе ви ги покаже намерите за да постигнеме резултати што побрзо. Оптимистичен сум за целиот процес, оптимистичен сум дека ќе постигнеме се што зацртавме со Димитар што е можно поскоро, изјави Петков.

За разлика од Петков кој пред овој важен настан ги повикува на консултација своите партнери, во Македонија целосен молк кога е во прашање бугарскиот спор. И покрај секојдневните фалења за својата транспарентност, Владата за бугарското прашање не открива ништо, освен стандардната флоскула дека историчарите си ја работеле својата работа.

-Тие професори работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи кои работат на други прашања. На нашиот состанок тука во Софија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз нивната историска методологија ќе можат да ја споделат со другите, изјави Ковачевски.

Претседателот на македонската историска комисија, Драги Ѓорѓиев соопшти дека до петок е голема веројатноста за договор за Цар Самоил, но и дека ќе се разговара за Гоце Делчев.

-На дневен ред е и Гоце Делчев, за кој на минатата средба во февруари само ја почнавме малку дискусијата и сега ќе ја продолжиме, вели Ѓоргиев.

Инаку, Комисијата последните три години немаше донесено никаков конретен договор. Последно од историчарите беше усогласен текст за Григор Прличев, според кој треба двострано да се чествува и дека е важен за двете страни, без да се разговара за неговата припадност.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста