Состанок на историската комисија – паѓаат ли македонските црвени линии?
Ќе ги погазат ли историчарите македонските црвени линии по најавата дека до петок ќе биде соопштено за која историска личност е постигнат договор? Извор од Комисијата за Алфа брифира дека доколку се официјализира договор за Цар Самоил на средбата меѓу историчарите, тоа ќе значи сериозно подривање на македонските позиции и прифаќање на бугарските тези.
Решението ќе се движи во рамките на двете разменети препораки. А тоа ќе значи профаќање на бугарските тези и маргинализирање на македонската наука. Поинаку кршење на црвените линии, брифира нашиот извор.
На маса пред историчарите се ставени закочените преговори околку припадноста на Цар Самоил и таквата новина да биде вметната во учебниците за седмо одделение, но и преговорите за Гоце Делчев.
На последната средба на двајцата премиери во Софија, Кирил Петков објави дека добил потврда од бугарската комисија дека постигнат е договор околу историска личност за која претходно било тешко да се договорат. По ова признание и македонскиот претседател на Комисијата Драги Ѓорѓиев најави дека до петок е можно решение за Цар Самоил и усогласување за средновековниот период. Очекувал брзо пеглање на разликите, поради како што вели конструктивната атмосфера во преговорите.
И додека траат калкулациите со историјата, официјална Софија вели дека нема да ги променат позициите во однос на Македонија. Премиерот Петков по средбата со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, порачал дека за прв пат Брисел јасно застанува на страната на Бугарија во билатералниот спор. Сепак и денеска најавува дека постигнат е договор, а напредокот во комисијата бил огромен.
„Историската комисија е единствена таа која може да даде на двете Влади извештај за тоа за кои личности од историјата е постигнат договор или кои од историските факти може да се заеднички. Јас очекувам во брзо време да излезе комисијата и да каже. Колку што сум информиран напредокот го огромен, но не ги знам последните информации за тоа за што се согласиле. Се радувам оти од двете страни има дух за заедничка работа и така се постигаат успеси“, рече премиерот на Бугарија Кирил Петков при денешната посета на Благоевград.
Институтот за демократија со писмо до Пендаровски, Ковачевски , Османи и Маричиќ алармираат да се изостри фокусот околу евентуален компромис со Бугарија. Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент, велат од Институтот.
-Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици, велат од Институтот.
Македонската влада одбира да молчи за сите клучни моменти во преговорите, па информациите главно ги пласира Софија, сепак тамошните официјални лица наголемо калкулираат за европската иднина на Македонија особено по изјавата на бугарскиот премиер дека последниве три месеци имало голем напредок.
Ивана Соколовиќ Најдова